Рано утрово е опожарен влезот на објектот на Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола кој беше отворен во средината на април.
Од здружението се огласија на Фејсбук дека очекуваат од надлежните институции да го откријат сторителот и да го изведат пред лицето на правдата.
Министерството за надворешни работи на Република Македонија најостро го осудува актот на намерно палење на влезот на здружението „Иван Михајлов“ во Битола.
–Ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу С. Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина, велат од МНР.
Според нив, ова кривично дело не случајно е извршено на денешен ден, кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на Македонија.
Надлежните органи на државата прават напори за откривање на сторителот на овој вандалски чин, додаваат од МНР.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, заедно со екипи на СВР Битола, утрово извршија увид на лице место на опожарен објект – центар за култура „Ванчо Михајлов“.
-Првичните наоди од увидот упатуваат дека е опожарен влезниот дел од објектот. Подигнати се траги од лице место за кои јавниот обвинител издаде наредба за вештачење, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвинителство.
Со цел откривање на сторителот, јавниот обвинител веднаш ќе издаде и наредби за обезбедување на снимките од безбедносните видео камери на самиот објект, но и на околните објекти.