Владата иницираше постапка за Предлог за пристапување кон уставни измени, кои веќе се пристигнати во Собранието. И покрај започнувањето на постапката за уставни измени неизвесно е дали ќе има доволен број пратеници (80) за нивно носење или ќе се оди на предвремени парламентарни избори.
За многумина во Македонија, но и за претставниците на ЕУ и НАТО предвремени парламентарни избори не се решение за излез од оваа ситуција која настана по референдумот, кога излезноста беше 36 отсто, а опозициските пратеници кажаа дека нема да поддржат уставни измени.
Предвремени парламентарни избори за Македонија би значеле уште едно оддолжување на процесот на реформи за влез на земјата во Унијата и членство во НАТО, би имало влијание врз буџетот бидејќи ќе треба да се одвојат средства за нивно одржување, а би можела да се доведе во прашање целокупната изборна постапка имајќи предвид дека се најавува изборен циклус во кратки рокови. Првичниот рок за распишување на избори што го првично го најави премиерот Зоран Заев беше среда, 10 октомври, но како што велат од владејачките партии тоа би можело да се пролонгира до крајот на неделата. Во понеделник е закажана нова пленарна собраниска седница, која би можела да биде последна во овој состав.
Од владејачките партии велат дека разговори со пратениците од опозицијата има, но никој јавно не кажува со колкумина и кои се тие. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрлаат овие тврдења велејќи дека пратеничката група е единствена и дека нема да поддржи уставни измени за промена на името.
Премиерот Заев во интервју за сервисот на грчки јазик на „Еуроњуз“ повтори дека на Македонија не и се потребни избори и оти избори ќе има само доколку се неопходни и дека во тек се консултации со пратениците. Истакна дека само доколку не успеат сите можни начини за постигнување на двотретинско мнозинство во Собранието, само тогаш земјата ќе оди на избори, а паралелно ги повика пратениците да го сторат она што е нивна должност кон државата.
– На Македонија не и се потребни избори. Македонија сега е на правилен пат. Ќе отвориме едно поглавје во јуни. Ќе имаме наше место на масата на разговори во Брисел и во НАТО со почеток на ратификацијата на протоколот во парламентите на 29 држави членки на НАТО. Од економски аспект, Македонија се наоѓа во одлична ситуација и нема потреба да одиме на избори, освен ако не е потребно. А секако, ако распишеме избори очигледната цел ќе биде 2/3 односно 80 пратеници, вели Заев и објаснува дека, според анализите, во случај на избори владата ќе добие мнозинство.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера во отворено писмо до Заев, меѓу другото кажа дека јалови се обидите за условување и уцена на пратеници за поддршка на уставните амандмани. Побара од Заев и власта уште еднаш да размислат.
– Нема друга држава во светот каде премиерот отворено кажува дека нема да ја почитува волјата на мнозинството граѓани и јавно вели дека поисплатливи му се јаловите обиди за условување и уцена на пратеници. Тоа нема да помине, посочи Мицкоски.
Мицкоски уште додава дека со отфрлањето на неговиот предлог од неделата, Заев и власта покажале дека се плашат од слободни, фер и демократски избори.
Собранието треба да реши дали ќе ја следи волјата на народот, изјави вчера министерот за надворешни работи Никола Димитров на дебата „Билатералното на Балканот: Регионалните импликации на билатералните спорови“, организирано во рамки на Форумот за граѓанско општество Скопје 2018.
– Излезноста на референдумот беше близу 37 проценти и иако имаме Изборен законик кој предвидува цензус, сепак 609 илјади граѓани кажаа „да“. Тоа е мнозинството и тие сакаат Македонија да оди напред. Следат разговори во Парламентот. Ни претстои историска одлука. Нашата реалност е дека не може да го заобиколиме спорот за името на патот кон НАТО и ЕУ. Парламентот треба да реши дали ќе ја следи волјата на народот. Ова е клучот. Ако сакаме напред, треба да го искористиме овој клуч, рече Димитров.
Димитров меѓу другото истакна дека предвремени парламентарни избори се последна опција.