Стапката на успех во третманот на пациентите со Ковид-19 во Жан Митрев клиника изнесува 74,6%. Според деталните болнички извештаи во Жан Митрев клиника биле хоспитализирани вкупно 1738 третирани пациенти, од кои 1296 преживеале. Во вкупниот број пациенти хоспитализирани во клиниката спаѓаат и пациенти дојдени од други здравствени установи. Оваа стапка на успех во лекувањето е повисока од националниот македонски просек според последните податоци на Институтот за јавно здравје.
Според овие извештаи “процентот на успех” кај хоспитализирани пациенти исклучиво третирани и лекувани во Жан Митрев клиниката е сличен на просекот направен во 200 германски болници, каде просечното преживување изнесува 78%. Стапката на преживување според исти студии направени во повеќе земји се движи од 30 до 80 проценти, така во Велика Британија е меѓу 50-89% во зависност од бранот, во Шпанија изнесува 64,4%, во Америка е 80,3%, а во Бразил се движи меѓу 61,6-75,4%.
Хемофилтрацијата претставува само еден дел од спектарот методи и пристапи коишто се користат за лекувањето на пациентите. Третманот на пациентите во Жан Митрев клиника се дефинира според тежината на болеста на прием, клиничката слика општата состојба на пациентот, дали се присутни коморбидитети, колку е критична состојбата и други клинички варијабли.
Хемофилтрацијата како метод во третман на Ковид-19 има ургентно одобрување од Американската агенција за лекови (FDA) со јасно дефиниран индикационен опсег. Тоа ја прави примената на хемофилтрацијата во овој случај легитимна. Ова одобрување е еквивалентно на тоа за вакцините. При ургентно одобрување од ова највисоко авторитетно регулаторно тело, третманот не може да се смета за небезбеден, неиспитан и нетестиран. Затоа, примената на хемофилтрацијата во пандемија според упатство за работа во рамките на одобреното индикационо подрачје, во дози и начин кој е пропишан за негово користење нема статус на клиничко испитување и не е предмет на регулативата за добивање одобрение за клиничко испитување, а со тоа и потпишана информирана согласност од страна на пациентот.