Една од главните вести, повеќе денови со ред, во земја членка на НАТО е дека македонската Влада, по кражбите на струја во скопското село Арачиново, успеала во преговорите да ги убеди селаните дека треба екипите непречено да работат за да се поправи електромрежата од оштетувањата поради кражбите на струја.
Министри секој ден изјавуваат дека успеале да се договорат со житеите на Арачиново слободно да се интервенира, да се поправат дефектите, да се пушти струја во селото во кое годишно се краде струја за 6 милиони евра. Во успехот се наведува „дури и тоа“ дека ќе ги плаќаат сметките, како што вчера изјави министерот Крешник Бектеши, и најави дека Арачиново ќе биде светол пример.
Екипите на Електродистрибуција вчера излегоа на терен во Арачиново и непречено започнаа со реализација на правата фаза на планот, информираат од ЕВН Македонија.
-Во оваа фаза се прави инспекција на мрежата по што ќе следи реконструкција за подобрување на снабдувањето и отстранување на дефектите кои беа резултат на нелегалните приклучувања, велат од ЕВН за МИА.
Реконструкцијата, како што посочуваат, ќе трае со месеци па дури и повеќе од година.
-Целосната реализација на планот ќе значи снабдување без прекини и речиси без дефекти за жителите на Арачиново, потенцир аат од ЕВН Македонија.
По минатонеделниот прекин на снабдувањето со електрична енергија во Арачиново поради преоптовареност на трафостаницата од неовластено користење струја, министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека во координација со градоначалникот на општината и раководството на ЕВН е најдено привремено решение за прашањето за снабдување со струја.
Бектеши најави дека екипите на ЕВН Македонија од почетокот на неделава непречено ќе работат на терен во Арачиново и на тој начин ќе почне да се наплаќа струјата во оваа општина, но и на други места. Тој најави дека ќе побара од МВР и другите надлежни институции да постапат во сите општини каде има големи загуби на струја, бидејќи според него, тие се на товар на сите потрошувачи на електрична енергија.
– Ги повикувам сите да ги почитуваат законите, одредбите од законите се со цел да не се направи штета во делот на снабдување со електрична енергија, но и во делот на електродистибутивниот систем, изјави Бектеши укажувајќи дека крадење струја или незаконски приклучок во дистрибутнивната мрежа е кривично дело кое се санкционира согласно закон.