Коалицијата составена од партијата на Мелони – Браќа на Италија, партијата Лига на Матео Салвини и партијата Напред Италија на Силвио Берлускони може да смета на 227 до 257 места или на апсолутно мнозинство во парламентот со освоени меѓу 41 и 45 отсто од гласовите

Тројната десничарка коалиција предводена од Џорџа Мелони е на пат да формира нова влада во Италија, покажуваат излезните анкети од денешните парламентарни избори во оваа земја членка на ЕУ.

Според излезната анкета што ја објави РАИ, левицата предводена од Енрико Лета добива меѓу 78 и 98 места со освоени 25,5-29,5 % од гласовите.

Движењето Пет ѕвезди на Џузепе Конте ќе заврши на третото место со 36-56 пратеници или освоени 13,5-17,5 % од гласовите.
Коалициските партнери Салвини, Берлускони и Мелони на предизборен митинг, фото: EPA-EFE/MASSIMO PERCOSSI

Резултатите од изборите во Италија би можеле значително да се одразат на односите внатре во Европската Унија, но и кон Русија поради блиските врски на лидерите на партиите од десничарскиот блок со Владимир Путин.

Спроти изборите, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја предупреди Италија за последиците доколку отстапи од демократските принципи.

„Мојот пристап е дека која и да е демократска влада подготвена да работи со нас, ние работиме заедно“, рече Фон дер Лајен на прашањето дали има загриженост за изборите во Италија. „Ако работите тргнат во тешка насока… Зборував за Унгарија и Полска, ги имаме алатките“, додаде таа.

Веднаш доби одговор од Матео Салвини, шеф на партијата Лига, кој коментарите на Фон дер Лајен ги нарече „срамна ароганција“.