Три лица загинаа во руското ракетирање врз инфраструктурата на Киев, соопшти денеска градоначалникот на украинската престолнина Виталиј Кличко.

Во соопштението на кабинетот на градоначалникот се наведува дека сите три жртви биле вработени во еден од критичните инфраструктурни објекти, а гранатираните објекти претрпеле значителна штета.

Градските служби прават се за да ги отстранат последиците од вонредната состојба и привременото исклучување на струјата и водата во одредени области на главниот град.

– Работиме напорно на отстранување на последиците од ситуацијата. Ги молам жителите на Киев да ја третираат оваа ситуација со разбирање, рече Кличко.

Тој ги повика сограѓаните и сопствениците на бизниси во Киев да штедат струја.

Според прелиминарните информации, три руски проектили погодиле објект за снабдување со електрична енергија на левиот брег на Киев.

Руски медиуми пренесуваат дека руските војници извршиле напади врз енергетската инфраструктура на реките Днепар, а градот изгубил струја и вода по ракетните напади.

Поради руските ракетни напади, и Житомир остана без струја и вода, а низа експлозии ги потресоа градовите Харков и Криви Рих.

Еден човек загина во синоќешните ракетни напади врз Николаев, а градот остана без струја.