По принудните оставки, во наредните шест месеци Стојка Нацева Фуштиќ ќе раководи со Детската клиника на местото на Аспазија Софијанова, а на чело на Онкологија пак, ќе биде Виолета Клисаровска која ќе го замени досегашниот директор Никола Васев, потврдуваат од Министерството од здравство.

-Новоназначените директорки се именувани како вршители на должност до именување на медицински директор, по распишување конкурс, но не подолго од шест месеци- наведуваат во кусото соопштение од Министерството за здравство. Оттаму нема конкретни одговори на прашањата на што поконкретно се должат принудните оставки на Софијанова и Васев, што инаку следат по контролите на Фондот за здравствено осигурување за исплата на дежурства. Додека здравствените власти не кажуваат колку, во кои периоди и какви злоупотреби се направени со дежурањата и дали смената на Васев е за ова или поради нешто друго, од Фондот за здравство велат дека вонредни контроли се направени во петнаесеттина клиники, но извештаите не ги споделуваат јавно.

Инаку, разрешен е и организацискиот директор на Детската клиника Аљајдин Мемеди. За него, за разлика од останатите од Министерсвото наведоа дека разрешувањето е поради утврдени нерегуларности во извештајот од извршената контрола на ФЗО.