Авион со 173 патници на авиокомпанијата Визер принудно слета на аеродромот во Букурешт, поради закана од бомба, соопштија романските власти.

Авионот летал на релација од Грузија кон Полска.

Како што јави Асошиејтед прес, воздухопловот Ербас А 320 на линијата од Кутаиси за Варшава вчера безбедно слетал, откако во текот на летот бил пренасочен кон Романија.

Портпаролот на Меѓународниот аеродром во Букурешт, Валентин Јордаке, изјави дека, по принудното слетување, авионот го напуштиле 173-те патници, а потоа бил одвезен на изолирана локација на пистата каде што било извршено пребарување и скенирање на багажот.

Авионот од Букурешт полетал пет часа подоцна кон Варшава, откако романските власти извршиле детален преглед. Јордаке изјави дека заканата за бомба до Меѓународниот аеродром во Кутаиси по телефон била упатена од женски глас.

– Предупредувањето го дала жена која имала прецизни детали, изјави портпаролот Јордаке.