Нов напад од улични кучиња се случил вчера (недела) во центарот на Струга, а како што објави порталот Охриднет, овој пат жртва била активистка за заштита на кушињата скитници.

Неформалната активистка за заштита на кучињата скитници од Струга, Нела Стојанова е најновата жртва на напад од агресивни улични кучиња. Денеска околу 17 часот пред мезе бар БараБар во Струга беше нападната 31 годишната девојка. Ја нападнале 6 кучиња скитници. Едното куче ја каснало за ногата нанесувајќи и длабоки рани со крварење, а друго ја искаснало за рака, исто така нанесувајќи и видливи повреди, објави порталот Охриднет.

Девојката, како што пренесува порталот, побара помош од блиски, кои ја однеле во хируршкото одделение во струшката болница каде и биле санирани раните, а потоа била препратена во одделението за имунизација да прими вакцини против тетанус и беснило.

За проблемите со кучињата скитници во Струга, како и во другите градови низ Македонија, пишувавме неодамна. Ставовите се спротивставени, дел од граѓаните бараат решение, а активисти бараат заштита на кучињата. Во Струга се случија повеќе инциденти во неколкуденови, имаше искасани граѓани, како и убиени кучиња за што имаше и пријава од МВР до граѓанин кој ги убавивал со пушка.

Извор: ОхридНет