Албанија и Македонија заедно одеа рака под рака, така и ќе продолжат на патот кон ЕУ, порача шефицата на албанската дипломатија Ољта Џачка по средбата со министерот Бујар Османи.
На прашањето што ќе прави албанската влада доколку Македонија не ги направи потребните уставни измени, Џачка вели дека сите политички фактори треба да се свесни за непходноста од уставните измени, а блокадата им штети не само на двете држави туку и на цела ЕУ.
– Не знам дали некогаш сме замижале пред официјална Софија, напротив, Албанија секогаш била многу гласна дека една земја не може да го блокира влезот на Албанија и на Македонија во ЕУ. Денеска имаме брза лента и имаме можност сите заедно да одиме на таа брза лента и ние треба да бидеме свесни и подготвени кон нашите обврски.Заедно сме оделе рака под рака и ќе продолжиме да одиме така. И ако некој остане назад, ќе остане назад во неповолноста за нивните граѓани, изјави Џачка.
Министерот Османи останува оптимист дека 2030 година е реална цел за Македонија и Албанија да станат членки на ЕУ. Според него опозицијата го злоупотребува стравот на граѓаните заради партиски цели, без да дадат ниту еден аргумент зошто се против. Уверен е дека кога ќе почне јавната дебата за уставните амандмани, граѓаните и опозициските пратеници ќе се уверат дека нема никаков ризик за националните интереси.
-Кога ќе почне јавната дебата за уставните измени и ќе се предложат амандманите, не само партиите, туку и граѓаните ќе се убедат дека е техничко потврдување на спомнатите заедници во нашата Преамбула. Овие уставни измени значат само потврдување. Околу уставните амандмани е создадена една аура од конспирации што може ова да доведе како ризик за нацијата и идентитетот. Полека ќе се разголи целата оваа пропаганда, а сите пратеници ќе размислат пред да стиснат „црвено копче“, вели Османи.
Формирањето на работната група што ќе ги дефинира уставните амандмани е прашање на денови, кажа денеска министерот за правда Кренар Лога. Рече дека приоритет останува измена на преамбулата во делот на вклучување на помалите заедници, но доколку се постигне консензус не икслучи и пакет-решение во кој би влегле и други измени на Уставот, како што е прашањето за замена на формулацијата 20 проценти за албанскиот јазик, прашањето со вакуумот кој се случи за потпишувањето на еврообврзницата со оставката на министерот, и уште неколку системски промени.