Скопското основно училиште „Димитар Миладинов“ од денеска до четврток ќе биде затворено и нема да се изведува настава, бидејќи ученици се заразиле со стомачен вирус откако пиеле загадена вода.
– Од 6 до 8 ноември вратите на Основното општинско училиште „Димитар Миладинов“ во скопската општина Центар ќе биде затворено поради дефект на водоводната мрежа и техничка неисправност на водата, соопштија од Општина Центар.
Од Општината ги информираат родителите и учениците дека нема да има дежурство за продолжен престој на учениците, а се одложуваат и другите активности што се реализираат во училиштето.
Претходно некои медиуми објавија дека според неофицијални информации до кои дошле, водата за пиење во училиштето се мешала со фекалии и дека повеќе деца, во изминативе денови, се заразиле од стомачен вирус.
Директорката на училиштето, Маја Ангелова, во изјава за Макфакс рекла дека водата била исправна за пиење до затворањето на училиштето поради поправка на дефектот.
– Водата не е загадена, ние имавме стручна екипа која што направи увид, зема мостри и утврди дека нема загадување, но постои можност поради поправка на дефектот по санирањето да биде неисправна за пиење и затоа го испративме соопштението. Подобро да превенираме отколку да лечиме, изјавила за „Макфакс“ директорката Ангелова.
Таа вели дека во училиштето нема алармантна бројка на стомачни вируси ниту меѓу вработените ниту меѓу децата за да може да се поврзат со дефектот.