Страшо АНГЕЛОВСКИ
Еве, веќе втор пат во последниве дваесеттина дена, некој кој се претставува себе си како “сертифициран“ сопственик на вистината, отстранува мои текстови и објави од социјалните мрежи. И, неоти тие текстови, објавени или избришани, ќе го променат светот, неоти се најважното и највлијателно четиво во државава, но, нивното отстранување јасно говори за орвеловштината во која живееме. Говори за “либералниот“ комунизам кој, под превезот на демократијата, владее со светот. Говори дека, за жал, длабоко потонавме во најмрачниот период на комунистичката цензура, во периодот на светски ждановизам.
Ждановизмот бил идеолошко-цензорски период, именуван според советскиот пандан на Гебелс, Андреј Жданов. Близок до Сталин, негова животна задача била да контролира кој како и за што мисли и пишува, т. е. да смее да пишува и мисли само оној кој мисли според “официјалната“ вистина промовирана од еден центар, оној на комунистичкиот владетел. Цензорите (оние кои следеле кој што и како мисли и, кој што и како пишува), биле штедро наградувани, оние кои го величале наредбодавецот исто така. Оние, пак, кои размислувале или пишувале поинаку, непослушните, кои не постапувале според директивите на центарот на моќ, биле казнувани, дури и затварани, а нивните дела, односно, она што го пишувале, биле забранувани и отстранувани од очите на јавноста.
СТЕ ЧУЛЕ ЗА КРИС ХЕЏИС, ГОСПОДА “СЕРТИФИЦИРАНИ“?
За да стане појасно колку е лесно да биде замолкнат обидот на една слободна мисла како мојата, во една мала држава како Македонија, во која, полека но сигурно, се воведува “културата за откажување“ (cancel culture), ќе го презентирам случајот на големиот американски новинар, добитник на Пулицеровата награда, Крис Хеџис.
Имено, тој објави дека од Јутјуб е тргната целата архива од неговото шестгодишно шоу “ON Contact“, за кое беше номиниран и за наградата Еми. Па прашува: “Дали сме поинформирано и подобро општество поради оваа цензура? Дали е ова свет во кој сакаме да живееме, во кој веднаш може да не’ избришат оние кои знаат се’ за нас, а за кои ние не знаеме ништо? Ако ова ми се случи мене, може да ви се случи и вам, на секоја критика и сомнеж во доминантниот наратив. Пред неколку децении, вели тој, на јавните медиуми можеа да се слушнат независни гласови како на Мартин Лутер Кинг, Малколм Икс, Ралф Надер, Ноам Чомски… Го нема веќе тоа.“
Па, ќе продолжи да зборува за “Cancel culture“, што преведено од англиски значи “култура за откажување“, а се однесува на културата во која оние за кои се смета дека постапувале или зборувале на “неприфатлив“ начин се исфрлени, бојкотирани или избегнувани. Тој вели:
“Културата за откажување“, тој лов на вештерки од самоименувани морални арбитри на говорот, стана бижутериски активизам на либералната класа која нема ни храброст ни организациски вештини да ги предизвика вистинските центри на моќ – воено-индустрискиот комплекс, смртоносно милитаризираната полиција, затворскиот систем, Вол Стрит, Силициумската долина, разузнавачките агенции кои не’ направија најшпионираната, најмониторираната и најследената популација во историјата на човештвото… многу полесно е да им се сврти грб на овие жестоки битки за да се рушат беспомошни фигури кои прават вербални гафови, оние кои не успеваат да зборуваат на одобрениот јазик, или, пак, не ги прифаќаат одобрените ставови на либералните елити.“
“Културата за откажување, вели тој, ги поттикна прогоните на Џулијан Асанж, цензурата на Викиликс и алгоритмите на Силициумската долина што ги одвраќаат читателите од содржината критична за империјалната и корпоративната моќ. На крајот, ова малтретирање се користи од платформите на социјалните медиуми, кои се интегрирани во органите на државната безбедност и надзор, не за да промовираат цивилност и учтивост, како што тврдат нивните приврзаници, туку безмилосно да ги замолчат неистомислениците, интелектуалците, уметниците и независното новинарство. Откако ќе контролирате што зборуваат луѓето, контролирате и што тие мислат.“
Оваа култура за откажување, за несреќа на човештвото, е прифатена од корпоративните медиумски платформи, каде, како што пишува Глен Гринвалд, на пример, за случувањата во САД, “тимови на новинари во три од највлијателните корпоративни медиуми – “медиумските репортери“ на Си-Ен-Ен (Брајан Стелтер и Оливер Дарси), “единицата за дезинформации“ на НБЦ (Бен Колинс и Бренди Задрозни) и, “технолошките репортери“ на Њујорк Тајмс (Мајк Исак, Кевин Рус и Шира Френкел) – најголемиот дел од своето “новинарство“ го посветуваат на пребарување места на мрежите каде што веруваат дека “се кршат правилата за говор и однесување“, прво да ги означат а потоа да бараат преземање казнени мерки (забрана, цензура, регулирање на содржината…)“. “Токму ова можат да го користат за да ги замолчат оние што ги напаѓаат и разоткриваат структурите на корпоративната моќ и империјалните злосторства“.
ЗБОР ДВА ЗА ЖДАНОВИСТИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Кои се македонските тимови кои штедро платени од светските либерални комунисти, во манирот на Жданов (читај Гебелс), спроведуваат фашистичко безмилосно замолчување на неистомислениците, интелектуалците, уметниците и независните новинари, лажно промовирајќи цивилност и учтивост, како што тврдат?
Кога ќе се обидете да видите кои се тие кои напишале дека како “независни проверувачи на факти ја прегледале фотографијата и рекле дека е делумно лажна“, ќе добиете информација дека “тоа се независни проверувачи на факти кои“, замислете, “се сертифицирани преку непристрасна меѓународна мрежа на проверувачи на факти за да се препознаат и прегледаат лажните информации“.
И потоа ќе прочитате дека “твојата објава се коси со нашите Стандарди на заедницата за непосакувана содржина“. Па, ќе се запрашате дали живеете во истата заедница со “сертифицираните“, кои, меѓу другото, треба да си се нарекуваат “сертификувани“, па можете да ги сметате и за неписмени. Па, следува нормалното прашање кој е тој “сертифициран“ поставувач на стандарди за посакувани или непосакувани содржини и, со колку пари го купил ексклузивното право на вистина? И, конечно, која е таа вистина која се купува за пари и кои се тие морално цврсти стандарди што не можат самите да одолеат на еден обичен текст, туку мораат да бидат штитени со забрани, цензури и останати ждановско-гебелсовски методи?
И, нормално, ќе дојдете до истиот заклучок до кој дошол и Крис Хеџис дека “сертифицираните“ не се тука за да промовираат цивилност и учтивост, како што тврдат, туку безмилосно да ги замолчат неистомислениците, интелектуалците, уметниците, независните новинари…
Конечно, целосно ќе ви заличат на Жданов, чија животна задача била да контролира кој како и за што мисли и пишува и, да смее да мисли и пишува само оној кој мисли според “официјалната“ вистина промовирана од еден центар на моќ.
Со целосен ризик дека “сертифицираните“ самоименувани морални арбитри на говорот ќе го отстранат и овој текст, јас морав да го напишам заради правото на “заедницата“ да ја знае вистината. Вистина која не е купена како ексклузивитет од еден центар на моќ, туку вистина која суштествува во “заедницата“ во која сите ние живееме.
(авторот е претседател на МААК)