Финска треба да постави долгорочна цел за напуштање на Европската унија, но засега европското единство наспроти руската воена закана во Украина треба да биде приоритет, изјави денеска Јуси Хала-ахо од екстремно десничарската партија Финци во пресрет на партискиот конгрес.
Британските медиуми пренесуваат дека Хала-ахо очекува за време на конгресот да биде номиниран за претседателски кандидат за изборите што ќе се одржат во јануари 2024 година.
Во текот на викендот, екстремно десничарската партија ќе го одржи својот годишен конгрес на кој ќе се разговара за ставот на партијата кон ЕУ во контекст на новите околности на војната во Украина и соработката со проевропските коалициски партии во финската Влада.
-Се разбира, ние признаваме дека во сегашната светска ситуација, фрагментирана Западна Европа би била многу послаба против заканата од тоталитарните земји. Истовремено, оправдано е дека нашата долгорочна цел е да ја напуштиме ЕУ, изјави Јала-ахо за британските медиуми, наведувајќи го како причина повлекувањето на Финска од ЕУ „демократскиот дефицит“ со кој Унијата го ограничува суверенитетот на земјите-членки.