Она што ние денес го имаме, тоа е квазиполитика и наука којашто е потчинета од квазиполитичари. Тоа си го добивме врз основа на образованието кое што дозволивме да отиде во амбис. Тоа е резултатот денес, вели проф. д-р Катерина Тодороска од Институтот за национална историја, внука на македонскиот великан Блаже Коневски, во денешната емисијата Стадион на Канал 77.
– Нашата работа сега е да си го извадиме образованието од амбисот и да кажеме еднаш засекогаш, доста на полуписмени кои ја креираат македонската политика, доста на оние кои навистина не обезличија и како наука и како држава и време е веќе да си заминат а науката и научниците да си го земат кормилото во свои раце, вели Тодороска.
Зборувајќи за Конески, со кој ги поминала последните денови од неговиот живот, читајќи му по два часа секојдневно, кажа дека тој бил многу скромен човек и дека можеби звучи и малку религиозно, погребан е на денот на Св. Климент Охридски кого бескрајно го почитувал.
Вели дека е револтирана од актуелниот однос кон Конески, поради злоупотребата и користењето на неговото име во дневнополитички настани.
За одбележувањето на 100 од раѓањето на Блаже Конески, смета дека е претерано и дека повеќе наликува на дневно политичко ЕПП.
– Самиот факт што на таков начин, помпезно претставување од секој можен агол неговото живеење, премина и во апсурд. Значи имате ситуација, 30 години од ништење, негирање на Блаже Конески до негово кревање во висините. Тој си го има своето место, својата заслуга, тој е член на многу странски академии, избран на живот. Не е потребно политизирање на неговото име, рече Тодороска.