Темата за проширувањето на Европската унија, временската рамка со која се одредува период за исполнување на одредени услови и реформи од страна на земјите аспиранти, но и промените што треба да се случат во самата Унија за да се овозможи влез на нови членки деновиве се во фокусот не само кај нас туку и во Брисел и меѓу земјите-членки на Унијата.
За Македонија тоа ќе значи исполнување на условот за менување на Уставот, за што веќе започна собраниската процедура и реализација на одредени реформи. Власта и најголем дел од партиите ги поддржуваат уставните измени, додека најголемата опозициска партија и покрај разговорите и повиците и средбите со претставници на меѓународната заедници останува на ставот против уставни измени и за брзи избори.
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски синоќа во телевизиско интервју изјави дека ако ги донесеме одлуките во Собранието, Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која ќе стане членка на ЕУ во 2030 година.
Тој истакна дека она што го кажа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на Бледскиот стратешки форум и изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји покажува дека Европа влегува во процес на реформи заради проширувањето и потребата самата Унија да се подготви за нови членки.
-Јасни се пораките дека за прв пат после многу години, ЕУ е подготвена за проширување и прием на нови членки до 2030 година. Тоа се поклопува со нашата цел и она на што го работи Владата. Ако ги донесеме потребните одлуки во Собранието, во 2030 година ќе бидеме првата земја од Западен Балкан којашто ќе стане членка на ЕУ, рече премиерот Ковачевски.
Коментирајќи ја изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со повеќе брзини“, премиерот потсети дека прв пат оваа формулација ја употребил францускиот претседател Франсоа Митеран на заедничка прес-конеференција со германскиот канцелар Хелмут Кол во 1994 година на која посочил дека постојат држави кои нема да сакаат да се откажат од своите домашни валути и нема да го воведат еврото. И тоа и се случи, вели Ковачевски, посочувајќи дека некои земји членки се приклучиле комплетно, побрзо, некои станале дел од Шенген, а некои го вовеле и еврото. Истото се однесува и на земјите од Западен Балкан и како пример ги посочи Македонија и Хрватска.
-Подобар пример од повеќе брзини не постои. Сега доколку не ги донесеме потребните одлуки тоа ќе значи дека и Црна Гора, Србија и Албанија ќе отидат пред нас и ние ќе останеме во друштво на Босна и Херцеговина и Косово. Дали ние сакаме да останеме во тоа друштво? Тоа се држави кои имаат се уште елементарни проблеми во своето функционирање. Јас не се согласувам нашата држава и нашите граѓани да бидеме во групата со Косово и со Босна и Херцеговина во евроинтеграциите, бидејќи во моментов ние сме пред сите држави во регионот, рече Ковачевски.
Според него, земјата била 11 години во изолација и во чекалната на ЕУ поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ние бевме 17 години во чекалната на ЕУ, благодарение на политиките кои што ги имаше владата на ДПМНЕ и 11 години во изолација. Ние го почнавме нашиот европски пат заедно со Хрватска. Денес Хрватска е земја членка на ЕУ, земја членка на Шенген и земја која го воведе еврото. А ние само минатата година ги започнавме преговорите. Неприфаќањето на носењето на одлуките денеска ќе значи токму тоа, спречување на напредокот на нашето општество, рече Ковачевски.
Осумдесет отсто од македонските граѓани, како што посочи, се за интеграција на државата во ЕУ и доколку не се донесат одлуките во Собранието, ќе биде спречен напредокот на земјата.
Коментирајќи ја посетата на американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар, премиерот рече дека таа била уште една цврста порака дека САД како стратешки партнер на Македонија дава поддршка на уставните промени со цел членство на земјата во ЕУ.
За барањето на опозицијата за избори, Ковачевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ повторува само еден збор: избори и ништо не работи.
– ВМРО-ДПМНЕ денес ми наликува на некој нов вид на птица, би го нарекол ВМРО – папагал кој што повторува само еден збор: избори. Ако прашате колку е часот ќе ви кажат избори. Ако прашате имате ли план, ќе ви кажат избори. Имаа локални избори, после локалните избори поминаа две години и ниту еден проект нема. Едно време само повторуваа ќе имало бугаризација, ќе имало асимилација, сега веќе и тие аргументи ги нема затоа што аргументите пропаднаа после цела година од изгласувањето на преговарачката рамка каде што ние веќе го водиме процесот на преговори како Македонци со чист македонски јазик. Најново што измислија е бугарски диктат. Не е точно дека е бугарски диктат, уставните амандмани се подготвени од страна на македонски експерти во македонското Министерство за правда, рече Ковачевски.
Тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба прв пат во својата историја да се одважи и да поддржи стратешки процес за државата.
-Одлуката за продолжување на европскиот пат не е одлука за поддршка на Владата, туку за поддршка на евроинтеграциите, на она што го сакаат граѓаните – подобар животен стандард, подобро владеење на правото, подобра демократија, поголема социјална правда. Нашите граѓани се иселуваат во ЕУ, не се иселуваат таму каде што ги нема овие елементарни и основни фундаментални придобивки од ЕУ. Затоа државата треба да биде членка на ЕУ, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски завчера во обраќање на партиски собир во Штип кажа дека уставните измени се натурени, наметнати и диктирани од надвор и народот е против во огромно мнозинство и затоа ВМРО-ДПМНЕ вели не.
-Погледнете како тоне нивната последната сламка за спас. Францускиот претседател им ја кажа вистината. Европска унија им испрати абер. Сето тоа што го кажуваат не е точно. Јасно е. Без внатрешни реформи кои вие седум години не ги правите, без оправање на секторите и состојбите на секое поле, нема да има ни афричка унија, а не пак европска. Народот бара ресет. Оваа Влада ги изгуби и легитимитетот и кредибилитетот, вели Мицкоски.
Според Мицкоски, 2030 ни ја продаваат за светлата година која треба да дојде во состојба кога нема гаранции ни дека државата ќе стане членка на ЕУ до 2063 година. -Македонија е уморна од ветувања на европски бирократи кои не тапшаат по рамото ветувајќи работи кои не доаѓаат, рече тој.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел синоќа на брифинг со група дописници од Брисел рече дека Европската унија мора да си постави временска рамка за новото проширување, бидејќи ако не биде поставена таа цел, ЕУ нема никогаш да биде подготвена за прием на нови членки.
– На тој начин изговорите веќе нема да бидат можни од ниту една страна. Едно е јасно, ако не си поставиме цел, никогаш нема да бидеме подготвени, изјави Мишел.
Според него, одредувањето на конкретен датум за проширувањето ќе ја охрабри ЕУ да се подготви за овој процес, а на земјите од Западниот Балкан им дава специфична временска рамка за исполнување на нивните обврски.
Мишел во обраќањето на Бледскиот стратешки форум на почетокот на неделава изјави дека ЕУ треба да биде подготвена да прими нови членки до 2030 година, што предизвика реакции и во Брисел и кај земјите кандидати за членство.
Во одговор на новинарско прашање за коментар на изјавата на Мишел во Блед, портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант завчера изјави дека проширувањето на Европската Унија е политички приоритет за ЕК, но тоа е процес заснован на заслуги. Според неа, Еврокомисијата не е фокусирана на датуми, туку на блиска соработка со земјите кандидати за да се подготват за влез во ЕУ.
И високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел вчера на прес-конференцијата по завршувањето на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата во шпанскиот град Толедо изјави дека поставувањето на временска рамка за проширувањето, може да ја мобилизира енергијата на ЕУ и на земјите кандидатите за членство.
– Украина ќе стане членка на ЕУ, а исто и Западниот Балкан. Но, поставувањето на временска рамка, може да ја мобилизира нашата енергијата и енергијата на земјите кандидатите за членство, истакна Борел, додавајќи дека војната во Украина како колатерален ефект го има забрзувањето процесот на проширување.
Тој сепак нагласи дека проширувањето на ЕУ е процес што се базира на исполнување на критериуми.
-Една земја ќе стане членка кога ќе ги исполни сите услови, но важно е да му се даде политички поттик на процесот, истакна Борел, додавајќи дека и Унијата мора сама да се подготви за процесот на прием на нови членки.