Доколку не работи ТЕ-ТО ќе ни се случи ценовна катастрофа со топлинската енергија во Скопје а ние тоа нема да го дозволиме. Затоа нема да носиме одлука за цената се додека не добиеме уверување дека ќе биде поставен топловодот на мостот Беласица, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Нагласи дека доколку не се донесе одлука ќе продолжи да важи постојната цена за парното греење.
-Во Град Скопје и во ЕСМ има разумни луѓе и сметам дека ќе се договорат, рече Бислимоски и додаде дека е логички тој што е сопственик на мостот да даде дозвола ЕСМ дистрибуција на топлина да ги постави цевките кои се веќе донесени таму.
Бислимоски не очекува да поскапи цената што ја плаќаат граѓаните за комунален отпад откако РКЕ ја доби обврската да ја определува цената на оваа комунална услуга во сите општини во државата. Не очекува ниту драстично да поскапи струјата во текот на грејната сезона на берзите и посочува дека кај нас ќе зависи од цената што ќе ја понуди ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во соработка со проектот на УСАИД „Поврзани за развој“ одржаа интерактивен семинар за медиумите во пресрет на грејната сезона 2023-2024 година.
– Во последните години се покажа и во пракса дека без енергетика нема економија. Но дали има струја, парно и нафтени деривати и по која цена се прашања кои несомнено го засегаат секој еден граѓанин и домаќинство. Затоа точната и навремена информација е клучна, посебно во време кога сеуште се бориме со последиците од енергетската криза која ја зафати Европа. Со искрен пристап и интегритет во одговорите кои ги бараат медиумите и јавноста, РКЕ транспарентноста ја има поставено за централен столб во нејзиното функционирање, посочи Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Зголемување на енергетската транспарентност, подобрување на деловното опкружување и имплементирање на најдобрите практики е цел поради која Проектот „Поврзани за Развој“, финансиран од американската влада преку УСАИД, а имплементиран од RTI Интернешнл и АЦТ консалтанси сервисис се долгогодишни партнери во работата на РКЕ .
– Интензивната и успешна соработка со РКЕ со проектот на УСАИД логично дојде до степен да се прелее и во соработка со новинарите со кои се дискутираат континуирано теми од значаен и посебен интерес за јавноста. Овој, но и претходните проекти на УСАИД, поттикнуваат и подржуваат иницијативи на институциите во однос на комуникација и соработка со медиумите со цел навремено, објективно и правилно информирање на јавноста, изјави Самир Латиф, директор на Проектот „Поврзани за Развој“.