Помина еден месец од монструозниот скандал на Онкологија, а нема ни приближно никаква разрешница. Предистрагата трае и со право граѓаните се сомневаат дека и овој случај ќе заврши како и случаите со Дурмо турс, Беса транс, модуларната во Тетово, односно дека истиот се заташкува, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
– Индициите за овој скандал и злоупотреба на терапијата на болни од канцер во јавноста се говорат најмалку две години наназад. Најпрво ние како ВМРО-ДПМНЕ, а потоа пред 6 месеци за истото пишуваа и медиуми. Надлежните органи со месеци и години не преземаат ништо, со месеци се оставани граѓаните без терапија, соодветен третман иако истото им следува како осигуреници, истакна Ристески.
Тој посочи дека според информации во јавноста онколошки пациенти кои починале и понатаму се воделе на листата за лечење, за оние пак кои се лечат се уште нема дел од потребната терапија, ова остава сомнеж дека терапијата се препродава на црниот пазар.
– Дали странски државјани биле лекувани со цитостатици? Дали малверзациите се причини за милионските долгови на Онкологија? Долговите достигнаа до 20 милиони евра, и ова се поклопува со времето кога се воведува скапата терапија која според информациите достигнува до неколку илјади евра по пациент. Постојат изјави дека на пациентите им бил даван само физиолошки раствор, а потребната терапија биле препродавана. Министерството и министерот треба да одговорат кој дозволил незаконско делување во третманот на пациентите? Зошто најсовремената терапија не е на позитивна листа? Во чии џебови се парите и дали има лоцирана одговорност. Колку граѓани поради несоодветен третмани ги изгубиле своите животи? Одговорноста мора да има име и презиме, но мора да има и политичка одговорност. Министерот требаше веднаш да поднесе оставка., потенцираше тој.
Ристески понатаму, второто прашање го постави до министерката за труд и социјална политика кое се однесуваше на пензионерите кои маката ги натера да протестираат во време кога високата инфлација го дотепа нивниот пензионерски стандард.
– Пензионерите бараат повисоки пензии, имавме средби со нив. Тоа се луѓе кои ја граделе оваа држава, наши мајки и татковци кои бараат достоинствени пензии. Нив маката ги натерала да излезат на улица бидејќи со овие пензии кои сега ги имаат половина им оди за лекови, а другото не им останува за основните продукти, додека министерката им порачува дека со 25.000 денари двајца пензионери можат да преживеат. Тоа е срамно и недозволиво., рече тој.
Ристески во третото прашање ја запраша министерката за животна средина зошто не поднесува оставка кога и Гардијан пишува дека Македонија е најзагадена во Европа.
– Лошите резултати од владеењето на СДС и ДУИ се потврдија и од Гардијан. Според Гардијан Македонија е најзагадена земја во Европа. Кога бевте во опозиција викавте дека загадувањето е поради власта која мора да замине, па сега би ја прашал министерката за животна средина што чекате? Речиси две трети од луѓето ширум земјата живеат во области каде загадувањето е поголемо од 4 пати над дозволеното, изјави Ристески.