Велика Британија и НАТО предупредија дека на западните воени сили им снемува муниција за да и дадат на Украина да се одбрани од руска инвазија, јави Би-Би-Си.
Адмирал Роб Бауер, највисокиот воен претставник на НАТО, на форумот за безбедност во Варшава изјави дека „сега може да се види дното на бурето“. Тој рече дека владите и производителите на одбранбена опрема сега мора „да го зголемат производството со многу поголемо темпо“.
Украина истрелува илјадници гранати секој ден, повеќето сега доаѓаат од членките на НАТО.
Бауер, кој претседава со воениот комитет на НАТО, рече дека поради децениското недоволно инвестирање, членките на Алијансата почнале да и снабдуваат оружје на Украина од нивните складишта за муниција кои се веќе половина полни, па дури и празни.
Британскиот министер за одбрана Џејмс Хепи на форумот рече дека западните воени резерви изгледаат „малку тенко“ и ги повика сојузниците во НАТО да одвојат два отсто од својот бруто домашен производ за одбраната, како што се обврзаа.
„Ако не е време – кога има војна во Европа – да се потрошат два проценти за одбрана, кога е тоа“, праша Хипи.
Шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон рече дека е од витално значење за Европа да ја доведе својата одбранбена индустриска база во форма за долгорочна поддршка на Украина.
Киев е толку зависен од американската муниција што, според Би-би-си, постои загриженост меѓу членките на НАТО за можноста Доналд Трамп да победи на изборите во САД следната година. Се стравува дека американската воена поддршка за Украина може да се намали доколку Трамп бара некакво политичко решение со Москва.
Проблемот е што и покрај обидите да го зголеми производството, Украина ја троши муницијата побрзо отколку што западните сили можат да ја заменат.
Членките на НАТО и на Европската унија се договорија за различни планови за размена на експертиза, заеднички договори со производители на одбрана и субвенционирање на производството колку што можат.