Од Косово се вратив во Рим во јули 1999 година, каде ме чекаа сопругата и трите деца. Во ноември почнаа проблеми со дишењето, а на првите прегледи утврдена ми е огромна маса во средината на белите дробови, големина 12-14 см. Кон крајот на декември потврдена ми е дијагнозата дека станува збор за џиновски тумор – вели за белградски Вечерњи новости, Емерико Марија Лачети, полковник на Црвениот крст, одделение Војска на Италија, кој како мајор и командант на службата за вонредни состојби бил во мисија на Косово и Метохија за сето време на НАТО бомбардирањето.
Тој има 55 години и сепак е задоволен, зашто вели дека „имал среќа“. Меѓтоа, не може, а да не заплаче кога ќе се сети на сите тие со кои работел или ги познавал, а повеќе ги нема, пишува Новости. Солзите не може да ги задржи и кога ќе помисли на сите деца кои страдале од бомбите.
Според последните податоци кои се потврдени, од 1999 година до сега, починале 359, а се разболеле повеќе од 4.000 италијански војници кои биле изложени на дејството на отровните честички со сиромашен ураниум, а меѓу нив голем е бројот на тие што биле на Косово, истакнува весникот.
„Веќе на 1 јануари 2000 година бев сместен во болница, а три дена подоцна ми беше земен примерок за испитување. По ова следеше дијагноза на најтешката неоплазма „лимфом нон-Хочкинс“, вели Лачети за Новости.
Следи хемо и радио терапија на која, за среќа, Лачети добро реагирал, па на крај масата се намалила за 95 отсто.
„Остана пет отсто од туморот и сега сум под постојана контрола, зашто во туморот е пронајдена маса за која се смета дека е последица на радијацијата и високите температури кои се развиваат при експлозија на проектилот – додал Лачети.