Напаѓачот на Челзи, Оливие Жиру ги отфрли шпекулациите дека сака да го напушти клубот за да премине во тим каде ќе игра почесто. Светскиот шампион со Франција не е загрижен дека може да го загуби своето место во националниот тим поради ретките минути на теренот во дресот на клупскиот тим.
Од почетокот на сезоната, Жиру има само четири натпревари во Премиер лигата, но и покрај тоа, тој е амбициозен да се бори за првотимски статус.
– Дали би го напуштил Челзи за да го задржам своето место во репрезентацијата? Се чувствувам на ист начин како и пред неколку месеци кога ми беа поставувани истите прашања пред Светското првенство. Денес сум мирен. Среќен сум поради светската титула и нема потреба да си поставувам тензии. Се разбира, би сакал да играм повеќе, но јас сум во голем клуб, во кој има многу големи играчи. Ќе се борам за своето место и во моментов воопшто не сакам да го напуштам. Останувам, не очекувајте од мене да се откажам, рече Жиру.