Армијата на рускиот претседател Владимир Путин не успеа да освои ниту еден голем град во 2023 година, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украина успеа да ја пробие руската блокада на Црното Море, овозможувајќи транспорт на милиони тони жито, рече тој во интервју за Економист, истакнувајќи дека тоа е „огромен резултат“.
Според украинскиот претседател, Западот го изгубил чувството за итност во помагањето на Украина, а многу Украинци го изгубиле чувството за егзистенцијална закана.
– Можеби не успеавме во 2023 година како што сакаше светот. Можеби сè не се случува толку брзо како што некој замислуваше. Но, помислата дека Путин победува не е ништо повеќе од чувство. А реалноста е дека руските војници умираат и на места како Авдиевка, рече Зеленски.
Според него, извори од британското одбранбено разузнавање проценуваат дека, според сегашните трендови, Русија до 2025 година ќе има повеќе од 500.000 жртви, убиени и ранети.
Украинскиот претседател изјави дека не гледа „никави фундаментални чекори кон мир од страна на Русија“, туку, како што наведе, тој, како и сите Украинци, го чувствува интензивирањето на воздушни напади врз украинските градови.
– Гледам само чекори на една терористичка земја. Ако Русија испраќа сигнали дека сака да го замрзне конфликтот, како што наведуваат некои западни медиуми, тоа не е затоа што се праведни, туку затоа што им недостигаат проектили, муниција или обучени војници, рече Зеленски.
Тој нагласи дека со поддршката на Украина, Европа се штити од руска агресија.
„Со тоа што ни давате пари или оружје, вие се издржувате себеси. Ги спасувате вашите деца, а не нашите. Ако ѝ се дозволи на Русија да зема украински деца, тие ќе земат и други деца. И ако Русија ги прекрши правата на Украинците, ќе ги прекрши правата на целиот свет“, предупреди Зеленски.
Тој додаде дека ако Украина загуби, Путин ќе ги приближи своите војни до Западот.
– Путин чувствува слабост како животно затоа што е животно. Тој чувствува крв, ја чувствува неговата сила. И ќе ве изеде на вечера со сета ваша ЕУ, НАТО, слобода и демократија, рече Зеленски.
Тој во интервјуто за британскиот весник изјави дека разузнавачките служби на неколку европски земји почнале да ја проучуваат можноста Русија да нападне нивна територија, а, како што истакна, станува збор и за оние земји кои не биле дел од СССР.