САД им се придружија на Украинците ширум светот, кои месецов ја одбележуваат 85-годишнината од Холодомор, се наведува во синоќешното соопштение на американскиот Стејт департмет.
Настаните поврзани со Холодомор (на украински Голодомор) во 1932 и 1933 година предизвикаа недостиг на храна и смрт на милиони луѓе во Украина.
– Грабежот на украинска земја и жито од страна на Советскиот Сојуз беше преземен со определена политичка цел – потчинување на украинскиот народ под советската власт, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Се додава дека оваа катастрофа предизвикана под директна команда на Сталин е еден од најсвирепите чинови извршени во 20. век и сурово потсетување за злосторствата на комунизмот.
-Украина денес уште еднаш крвари како резултат на обидот на Русија да го уништи нејзиниот идентитет и западната ориентација на украинскиот народ. Руската тековна агресија во источниот дел на Украина резултираше со повеќе од 10 илјади жртви, се вели во соопштението.
Стејт департментот истакнува дека Русија нема да го покори украинскиот дух и не може да ја згасне желбата на Украинците за подобра иднина.
-Додека помниме за милионите невини жртви на Холодомор, повторно ја потврдуваме нашата непоколеблива поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и правото на украинскиот народ да одреди сопствен правец на развој, наведува Стејт департментот.
Повеќе земји во светот како Канада, САД, Португалија, Полска или балтичките земји, го признаа Холодомор како геноцид.
Условите за масовното изгладнување биле намерно создадени. Луѓето тогаш умирале од недохранетост и болести поврзани со недостиг на храна. Иако Украина произведувала најголемо количество на жито и житарки во Советскиот Сојуз власта вршела експропријација за извоз на житото.
Се проценува дека тогаш во Украина од болести поврзани со недостиг на храна починале од три до шест милиони луѓе.