Синдикалната организација при МАНУ, како што беше најавено во претходното соопштение до медиумите, објавено на 1 април 2024 година, а со оглед на молкот што сè уште трае од страна на раководните структури на МАНУ и покрај официјалното барање до нив да се изјаснат по доживеаното фијаско, бара одговор на следните три прашања:

1. Врз која основа Предлог-законот беше поставен под постапката за носење закони по Бадинтер во Законодавниот дом, иако во согласност со Амандман X од Уставот на РСМ, точка „2. За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“?

2. Зошто органите на МАНУ, како коректив на државните политики, имајќи ја предвид нејзината советодавна улога во нивното креирање, молчат и не бараат одговорност од структурите кои го одобрија носењето на Предлог-законот по Бадинтер на претпоследната седница на Собранието на Републиката?

3. Ако последните законски измени биле донесени со Бадинтер, тогаш зошто свесно нè пуштивте по вода во режирана претстава, иако јасно предочивме дека немаме против одредбите од Уставот и од Законот за работните односи, кои се однесуваат на начелото за правична застапеност, да се пресликаат и во Предлог-законот, повторуваме: кога веќе еднаш биле извршени законски измени по постапката која сега се претстави како изненадување?

4.

5. …

6. …

7. …

По завршувањето на претставата во Собранието, паднаа маските на сите актери кои учествуваа во неа, па, оттука, како да веруваме во постојаните ветувања дека овој закон некогаш ќе биде донесен без Бадинтер!?

До објавувањето на следните прашања што останаа без одговор и наидоа на молк во Институцијата, им благодариме на сите членови на МАНУ, кои пројавија интерес, разбирање и поддршка, за пројавениот интерес за состојбата во која се најдоа вработените кои беа инструментализирани во играта како паричка за поткусурување.

Во текот на идната недела, ќе следуваат други три прашања, а во континуитет, сè до демитологизирањето на МАНУ и нејзината интерно креирана недопирливост!

Синдикална организација при МАНУ