Пациентите во Македонија оставени на милост и немилост.За кој има лекови, за кој нема, објавува ТВ АЛФА во својот прилог. Дијабетичарите, болните со мултипла склероза, пациентите со ретки болести – илјадници болни во земјава со околу 300 различни ретки болести водат битка со недостиг на терапии. За некој нема воопшто медикаменти, а за поголем дел тие се или недоволни или несоодветни. Пациентите велат – животот во болка е тежок, но уште потешко е тоа што поради неизвесни тендери животот им виси на конец.
“Недостасуваат антидијабетна терапија, тоа се јавува разлика на начинот на промената на набавката со лицата со дијабетес, кои се на инсулин.И има дел што се преку државата и дел кои се нови пациенти се оставени сами на себе да се снаоѓаат” – вели Диме Велев, претседател на сојузот на здруженија на дијабетичари.
Не се само дијабетичарите. Проблем имаат и Болните со МС, кои се во постојана битка за лекови. Ако до пред еден месец, дефицитирен им беше само еден лек, сега недостигаат неколку, со тоа пациентите се ставени во ризик да им се влоши здравствената состојбата.
“Крајно време е здравството да започне да функционира и да се грижи за доброто на пациентите. Потребно е систематско решение, апелираме да се надминат сите технички административни бариери и пациентите никогаш повеќе да не останат без третман” изјави Ана Карајанова Димитрушева, Претседател на Националното Здружение за МС.
Решението е во итни реформи во македонскиот здравствен систем за што алармираше и претседателот на Алијансата на пациентски организации. Тој бара од здравствените власти итна промена на позитивната листа на лекови, но и олеснување на тендерските постапки за набавка на лекови.
“Самите директори на клиниките се повикуват на одговоности, но не сфаќајки дека одговорни се и кон пациентите имаме двојна одговорност. Од сите реформски постапки кој се направени во досегашниот здравствен систем би требало да бидат подлежени на ревизија…” вели Милан Мишковиќ, претседател на Национална алијанса на пациентски организации.
Во меѓувреме, изминативе години пациентите се соочија со сериозни предизвици во здравствениот систем. На пациентите со ретки болести им се заканува нова криза за недостиг на лекови. Дијабетичарите го кренаа многупати гласот против здравствените власти барајќи инсулин, глукомери и ленти затоа што месеци ги немаа. И најтешко болните -онколошките пациенти не беа исклучок, и тие имаа недостиг на биолошка терапија.