Во пресрет на официјалната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Белград на 5 и 6 декември, весникот „Блиц“ пишува дека тој доаѓа во Србија каде се очекува да поддржи „секоја идеја за разграничувањето, односно предлогот кој Србија ќе го изнесе како прифатлив за конечно решение на косовското прашање.“
Весникот наведува дека Макрон ова веќе му го соопштил на српскиот претседател Алекандар Вучиќ за време на одбележувањето на 100-годишнината од Првата светска војна во Париз.
Францускиот претседател доаѓа во чувствителен момент кога Белград и Приштина целосно го прекинаа дијалогот, поради одлуката на властите во Приштина да воведат царински давачки од 100 отсто на производите од Србија. „Блиц“ пренесува дека Макрон може да помогне во враќањето на работите на преговарачката маса и да биде врската што ќе придонесе решението, и покрај сè, да се постигне до пролет 2019 година, како што и беше претходно планирано.
Иако Макрон пред неколку месеци изјави дека Европската унија не треба да прифати нова членка се додека ЕУ подлабоко не се интегрира и не спроведе фундаментални реформи, изворот на „Блиц“ тврди дека Макрон не е против проширувањето, но смета дека е неопходно прво да се реши состојбата во ЕУ.
– Тој е само застапник на идејата дека ЕУ мора да се нормализира и да се спречат испади, како што прават Полска, Словачка, Хрватска или Унгарија, кои се однесуваат како членки само тогаш кога им одговара, а даваат отпор кога треба да поддржат одредени предлози на Унијата, како оној за управување со мигрантската криза, изјави соговорникот на „Блиц“.