Механизмот на Министерството за туризам на Грција е во состојба на готовност, откако германската групација „ФТИ“, што е третиот најголем тур-оператор во Европа, достави барање за банкрот, а процените се дека во моментов во земјата престојуваат околу 7.500 странски туристи, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, главната грижа е туристите, кои пристигнале преку германскиот тур-оператор безбедно да се вратат назад, а за таа цел канцеларијата во Германија на Националната организација за туризам на Грција, како и министерката за туризам се во постојани контакти со инволвираните страни.
АНА-МПА пишува дека на туристите што во моментов се во Грција, нема да им биде прекинат одморот и регуларно ќе си продолжат сѐ до завршувањето.
За превозот до грчките аеродроми ќе се погрижат самите хотели од Грција во кои престојуваат туристите, а банкротот на „ФТИ“ нема да има финансиски последици за хотелиерите кои соработуваат со германскиот тур-оператор, бидејќи биле однапред платени.
-Сепак, во Грција има околу 300 хотели, на кои „ФТИ“ им должи околу 1,8 милиони евра, од претходната година, пишува грчката новинска агенција.