Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола изврши увид на лице место каде синоќа се случи сообраќајна несреќа во која животот го загубија две лица.
По дадени наредби од страна на надлежниот јавен обвинител обезбедени се и прибрани траги од лице место. Дадена е и наредба за вршење на сообраќајно-техничко вештачење, како и за вршење на обдукција на починатите лица.
Како што соопштија од Јавното обвинителство на РМ, првичните сознанија посочуваат дека до несреќата дошло откако патничко моторно возило марка Ауди А6 во кое како возач и совозач се наоѓале сега починатите, се обидело да претекне друго патничко моторно возило Голф со регистарски ознаки од Ресен.
– Движејќи се кон Битола, при обидот за претекнување, а поради неприлагодена брзина на движење на возилото, патничкото возило Ауди удрило во товарно моторно возило – цистерна Мерцедес кое се движело во сообраќајната лента од спротивната насока. Од силината на ударот, на лице место животот го загубиле возачот и совозачот на Аудито, родени 1984 година и 1991 година, двајцата жители на село Канатларци, прилепско, соопшти ЈОРМ.