Владата на СДСМ која за нецела година драстично ја зголеми задолженоста на Република Македонија, а пред да дојде на власт обвинуваше дека државата е презадолжена, еве што наследила во 2017 година.
Списокот на државите со јавен долг дава увид во долгот на државите во однос на бруто домашниот производ (БДП). За да се споредат износите на задолженост на различни држави, мора да се земат предвид и големината на нивните економии, па според тоа вкупниот долг се гледа во однос на БДП.
Во 2017 година, најголем национален долг имала Јапонија и изнесувал 223,8 отсто од БДП. Тоа значи дека целокупната економија морала да работи 2,23 години, за да може да го врати во целост државниот долг на кредиторите на јапонската држава. Во тој износ не се пресметани евентуалните камати.
На второ место се наоѓа Грција со национален долг кој чини 180 отсто од БДП. По Грција следуваат Либан, Јемен, Италија и Португалија.
Две држави кои немаат никаков долг се Макао и Источен Тимор. Брунеи има национален долг во износ од 3,1 отсто од БДП, Либија 5,1 отсто, а Авганистан 8,3 отсто. Рускиот национален долг изнесува 11, 8 отсто од БДП, а иранскиот 14,2 отсто.
Во државите од нашиот регион најголем национален долг имаат членките на ЕУ, Словенија и Хрватска. Хрватскиот јавен долг изнесува 81,5 отсто од БДП, а словенечкиот 78,6 отсто. Најнизок јавен долг имаат Косово со 20,6 отсто, БиХ со 43,2 отсто и Македонија со 47,3 отсто од БДП.
Просечниот долг на членките на ЕУ во 2018 година е околу 81 процент од вкупниот БДП. Таа бројка сепак ја прикрива големата разлика меѓу државите членки. Со веќе споменатиот грчки јавен долг, Италија, Португалија, Кипар и Белгија исто така имаат долг поголем од БДП.