Во малото село Диксвил Ноч, во Њу Хемпшир, утринава беа објавени првите резултати од изборите во САД и тие покажаа дека денеска ќе има навистина изедначен изборен ден, јави ДПА.

Демократската кандидатка Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп добија по три гласа, како што беше објавено на рачно напишана табла веднаш по полноќ по локално време (5 часот по средноевропско).

Излезноста на гласачите беше стоотстотна.

Избирачките места беа отворени на полноќ во селото во близина на канадската граница, кое ја одржува традицијата од 1960 година. Бидејќи има само шест регистрирани гласачи, процесот на гласање и броење беше брз, пренесе ДПА.

Американска телевизија директно го пренесуваше гласањето и пребројувањето.

фото:Скриншот од Еј-Би-Си