Состанок посветен на темата за враќање на достоинството и интегритетот на полицаецот – столбот на јавниот ред и безбедност се одржа вчера во МВР, а на кој присуствуваа раководните структури од Секторите за внатрешни работи при Бирото за јавна безбедност.
На состанокот учествуваа началниците на униформираната полиција, раководителите на одделенијата/ отсеците за превенција и раководителите на ЦИК/ЕИК. Главен акцент беше ставен на преземањето на конкретни мерки за подобрување на условите за работа, зголемување на професионалните стандарди, како и заштита на правата и угледот на секој припадник на униформираната полиција.
Притоа, беше истакната важноста на меѓусебната доверба, транспарентноста и ефикасната комуникација помеѓу полициските службеници и граѓаните. Беше нагласено дека само преку континуирано унапредување на стручната подготовка, етичкото однесување и поддршката за полициските службеници, како и грижата за нивното физичко и ментално здравје, може да се обезбеди целосна посветеност, мотивација и гордост во извршување на задачите и подигнување на угледот на полицијата во јавноста.
На состанокот, директорот на БЈБ Александар Јанев истакна дека достоинството на полицаецот започнува со систем кој го вреднува неговиот труд и обезбедува заштита на неговиот личен и професионален интегритет.
Началниците се согласија за потребата од имплементирање на програми за професионален развој и поддршка, како и за создавање на позитивна работна атмосфера во рамките на полициските единици и унифицираност во начинот на работата. Дополнително, беа усогласени чекори за јакнење на дисциплината и залагање за фер и правично третирање на секој припадник на полицијата.
Министерството за внатрешни работи останува цврсто определено да ги зајакне капацитетите на униформираната полиција и да создаде систем каде секој полицаец ќе го чувствува сопствениот придонес вреднуван, а својата улога – почитувана, а сѐ со цел враќање на довербата кај граѓаните и зајакнување на улогата на полицаецот како чувар на јавниот ред и мир.