Човекот уапсен по денешниот напад на божикниот пазар во Магдебург претходно не бил на радарот на органите на редот како познат исламист, велат безбедносни извори за германската новинска агенција ДПА.

Според првичните сознанија, мажот е на возраст од околу 50 години и е од Саудиска Арабија.

Автомобил влета во божиќниот пазар во близина на градското собрание вечерва, при што според властите загина најмалку едно лице, а повредени се повеќе од 20 други.

Дел од локалните медиуми јавуваат дека бројот на загинати е поголем, стравувајќи дека станува збор за 11 мртви и над 60 повредени.

Болницата во Магдебург соопшти дека е ставен во режим на настан за масовен број жртви и дека првите 20 лице веќе медицински се третираат.

Претходно беше обајвено дека најмалку едно лице го загуби животот, а десетици се повредени откако автомобил влета во толпа луѓе на божиќниот пазар во германскиот град Магдебург, јавува државниот радиодифузер MDR.

Според полицијата, инцидентот се случил вечерва, кога возило се забило директно во посетители на пазарот. Германската агенција ДПА, повикувајќи се на локалните служби за спасување,  јавува дека се повредени меѓу 60 до 80 лица.

Возачот на автомобилот е приведен, соопштуваат локалните медиуми. Сведоци изјавиле дека возилото се движело право во насобраната толпа, јави Би-Би-Си.

Министерството за внатрешни работи на регионот Саксонија-Анхалт го квалификува инцидентот како напад. Канцеларот на Германија, Олаф Шолц, реагираше на настанот, изразувајќи стравување дека инцидентот може да има тешки последици.

„Моите мисли се со жртвите и нивните најблиски. Ние сме со сите жители на Магдебург и изразуваме длабока благодарност до итните служби во овие тешки часови,“ изјави Шолц преку социјалните мрежи.

Премиерот на Саксонија-Анхалт, Рајнер Хазелоф, изјави дека ова е „страшен настан, особено во деновите пред Божик“ и се упати кон Магдебург за поддршка на локалните власти.

Полицијата и понатаму работи на расветлување на мотивите и околностите на инцидентот.

фото: ДПА