Албанската економија во периодот јануари-септември годинава од туризмот оствари бруто приход од околу 1,5 милијарди евра.
Податоците објавени од Централна банка на Албанија покажуваат дека годинава туризмот продолжил да остварува со двоцифрен раст, со што станува сектор со најголема динамика во земјата.
Според Банката, во првите девет месеци од годинава, остварените приходи од туризмот бележат раст од 12 отсто, споредено со истиот период лани, достигнувајќи износ од 1,47 милијарди евра, наспроти ланските 1,3 милијарди евра.
Само во третиот квартал од годинава, кога е и екот на туристичката сезона, странците потрошиле повеќе од 683 милиони евра во туристичкиот сектор во Албанија, што е за 16 отсто повеќе од истиот лански квартал.
Во девет месечниот период и албанските граѓани за патување надвор од земјата потрошиле повеќе споредено со лани. Годинава потрошиле 1,1 милијарда евра, додека лани 973 милиони евра.
Доколку се споредат двата показатела, произлегува дека нето придонесот во туризмот за албанската економија е околу 370 милиони евра, со што и натаму останува најзначаен извор на девизи за економијата.
Институтот за статистика на Албанија – ИНСТАТ деновиве соопшти дека годинава во Албанија влегле околу 5,4 милиони странски туристи ,што е за 17,3 отсто повеќе од лани.