Десетина атлетичари и неколкумина велосипедисти утринава од плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица започнаа хуманитарно трчање за подигање на свеста за постоењето на ретката белодробна болест-пулмонална хипертензија.  Тие треба да ја истрчат и извозат делницата од Струмица до Гевгелија во должина од 50 километри.

Трасата води од Струмица преку Валандово, Богданци и се очекува да заврши попладне на плоштадот во Гевгелија.

Маратонeц-предводник е Никола Ѓоргиев, кој често ја поддржува оваа иницијатива на сите маратони кои ги трча со носење маичка со логото и мотото на Здружението „Остани без здив“.

-Треба да сме хумани и да ја поткрепиме свеста за оваа тешка болест и да донираме здравје, среќа и мир на луѓето кои се болни од оваа болест. Да им дадеме морална подршка и сите кои треба да им помогнат на тие луѓе, да бидат хумани како нас, спортистите и да им посакаме многу здравје, рече ултрамаратонецот Никола Ѓоргиев, кој за трката допатува од Швајцарија, каде работи и живее.

Организатори на трката се Велосипедскиот клуб „Актив“ од Струмица и Здружението Асоцијација за Пулмонална Хипертензија „Момент плус“.

-Даваме поддршка на сите што се заболени од пулмонална хипертензија и со овој маратон сакаме да им порачаме да успеат во лекувањето, рече Кире Тасев од ВК „Актив“ од Струмица.

Трчањето е во чест на гевгеличанката Ѓургица Ќаева, како и на сите пациенти кои страдаат од оваа болест.

На денешното трчање се пријавени 32 учесници кои ќе се приклучат од различни окрепни точки по трасата.

Белодробна артериска хипертензија (ПАХ) е прогресивна болест предизвикана од стеснување на белодробната артерија која ги поврзува десната страна од срцето со белите дробови. Пулмоналната хипертензија е сериозно заболување кое прогресивно се влошува со тек на време и понекогаш завршува фатално. Иако пулмоналната хипертензија не е излечлива болест, третманот кој постои ги олеснува симптомите и го подобрува квалитетот на живот.

Во Македонија постојат 15 регистрирани случаи на оваа болест, за која малку се знае.