Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и премиерите на Обединетото Кралство и Полска — Кир Стармер и Доналд Туск, пристигнаа во посета на Киев за да ја демонстрираат својата “непоколеблива” поддршка за Украина и да го повторат повикот на САД за „целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот”.
По демонстрацијата на сила на рускиот претседател Владимир Путин, кој вчера пречека околу дваесет странски лидери, вклучително и кинескиот претседател Си Џинпинг, на Црвениот плоштад во Москва, лидерите на Франција, Германија, Обединетото Кралство и Полска за првпат заедно ја посетуваат Украина.
“Ќе продолжиме да ја зголемуваме поддршката за Украина. Ќе го засилиме притисокот врз руската воена машинерија сè додека Русија не се согласи на траен прекин на огнот”, велат тие во заедничка изјава.
Посетата, која се опишува како “историска”, се случува четири дена по изборот на новиот германски канцелар Фридрих Мерц, кој веќе ги посети Париз и Варшава.
Во Киев, четворицата лидери заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе одржат виртуелна средба со останатите лидери од т.н. “Коалиција на подготвените”, каде ќе информираат за напредокот во формирањето на коалиција која ќе ги обедини воздушните, копнените и морските сили за поддршка на обновата на украинската армија по евентуален мировен договор.