Д-р Драган ДАНИЛОВСКИ
МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА
Денес се потврдени два случаи на мајмунски сипаници (mpox) во Македонија. Еве што треба да знаете:
1. Што се мајмунски сипаници?
Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox вирусот, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат:
• Треска
• Главоболка
• Болки во мускулите и грбот
• Зголемени лимфни жлезди
• Исцрпеност
• Кожен осип кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или други делови од телото
Инкубациониот период е обично од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени, може да се развијат посериозни компликации.
2. Како се пренесува?
– Директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице;
– Близок физички контакт, вклучувајќи сексуален однос;
– Контакт со контаминирани предмети како облека, постелнина или прибор;
– Респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице.
Важно: Болеста не се пренесува лесно. Потребен е близок, продолжен контакт!
3. Ризик за епидемија? МНОГУ НИЗОК. Состојбата се следи од здравствените власти.
4. Што да направите за сопствена заштита?
– Одржувајте хигиена (миење раце со сапун и вода);
– Избегнувајте близок контакт со симптоматски лица и споделување на лични предмети;
– Консултирајте лекар при сомнителен осип.
5. Информирајте се од релевантни извори – не од гласини!
Мајмунските сипаници не се нова, ниту неконтролирана закана. Ситуацијата бара информираност и претпазливост, но не и паника. За повеќе информации, посетете ја веб-страницата на Институтот за јавно здравје: https://iph.mk/mk/news/index/1560?cookieS=1