Израел утрово соопшти дека го нападнал Иран, а иранските медиуми објавија дека во Техеран се слушнале експлозии. Нападот е извршен зголемуваат тензиите околу напорите на САД да обезбедат согласност од Иран за запирање на неговата нуклеарна програма.
Израел соопшти дека прогласува вонредна состојба во очекување на напади со ракети и беспилотни летала од страна на Техеран.
Израелски воен претставник изјави дека Израел напаѓа „десетици“ нуклеарни и воени цели.
„По превентивниот напад на државата Израел врз Иран, во непосреден рок се очекува напад со ракетни и беспилотни летала врз државата Израел и нејзиното цивилно население“, изјави министерот за одбрана Израел Кац.
Двајца американски претставници, кои зборуваа под услов да останат анонимни, изјавија дека Израел започнал да извршува напади врз Иран и дека немало помош или вмешаност на САД во операцијата.
Си-Ен-Ен објави дека американскиот претседател Доналд Трамп свикал состанок на кабинетот.
Иран подготвува остар одговор
Иран планира „силно да возврати“ на израелскиот напад започнат утринава врз нуклеарната програма на Иран, изјави ирански безбедносен извор.
„Одговорот на израелскиот напад ќе биде остар и решителен“, рече функционерот.
Тој додаде дека деталите за одмаздата на Иран „се дискутираат на највисоко ниво“, одговарајќи на прашањето дали контранападот би бил неизбежен.
Израел денеска објави дека ги таргетирал нуклеарните објекти на Иран, фабриките за балистички ракети и воените команданти на почетокот на она што го предупреди дека ќе биде долготрајна операција за спречување на Техеран да се здобие со атомско оружје.
Иранските медиуми објавија за експлозии, вклучително и во главниот објект за збогатување ураниум на Иран во Натанз, додека Израел прогласи вонредна состојба во очекување на одмазднички напади со ракети и беспилотни летала.
Иранската државна телевизија објави дека Хосеин Салами, командант на елитниот корпус на Револуционерната гарда, е убиен и дека е погодена командата на единицата во Техеран. Според извештаите, деца се убиени во напад врз станбена област во главниот град на Иран.