Времето и денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност, а освежување се очекува од средината на следната седмица. Минималната температура денеска ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
За попладневните и вечерните часови денеска УХМР прогнозира локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне 40 степени.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, до вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40 степени.
В понеделник и вторник ќе има локална појава на нестабилност, ќе дува умерен, а во западните делови од државата засилен ветер од југозападен правец.
-Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд, соопшти УХМР.
Промената од среда ќе услови значителен пад на температурата така што во четврток и петок дневната температура ќе достигне 32 односно 33 степени.
Поради високите температури, од петокот е активирана фазата 3 од Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови, а Владата донесе препораки за заштита на населението кои ќе траат до вторник, 8 јули.
Од работни обврски се ослободени бремени жени и лица постари од 60 години, но тоа не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија).
Во препораките на Владата се и одложување на работниот процес од 11 до 17 часот за работници изложени на директна топлина; работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо; обезбедување микроклиматски услови за работа односно простории со температура до 25 степени Целзиусови, освен таму каде природата на работниот процес налага поинаку.
Препорачано е и активирање планови за вонредни услови и сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.
-Мерките имаат цел да обезбедат континуирана и ефикасна заштита на здравјето на населението преку превентивно дејствување и соодветна институционална подготвеност, посочуваат од Министерството за здравство и додаваат дека заедно со сите надлежни институции ќе продолжат со редовно информирање и спроведување на мерките, со цел заштита на здравјето на граѓаните.