Премиерот Христијан Мицкоски најави итно решавање на проблемот со дивата депонија Вардариште во Скопје. Изрази и сомнеж и неверица дека пожарите кои се случуваат по депониите се случајни,истакнувајќи ја смптоматичноста што ова се случува во претпријатија каде има кадар на опозициската ДУИ.
-Тоа што со децении не е санирано, тоа за што никој со децении не водел сметка, ние ќе го решиме за неколку денови, за недела дена ќе го разрешиме. Сочувствувам со секој граѓанин кој е загрижен од сето ова, но чудно е што во одредени претпријатија каде свој кадар има ДУИ се случуваат вакви работи. Чудно е, но ние тоа ќе го истражиме. Ќе го истражиме и ќе обезбедиме соодветни докази – како може пожар кој беше речиси смирен и ставен под контрола наеднаш така да се распламти, потенцира Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ најави детална истрага на сомнителите случаи со пожарите и најави дека сите виновници за ваквите случаи ќе се најдат пред лицето на правдата.
-Како тоа токму сега кога успешно се справивме со пожарите, во соседните држави имаше жртви, повредени, исселени градови и села, а кај нас сето тоа беше успешно завршено и покрај диверзиите кои ги имавме на почетокот на летото, сега ова да се случува пред локалните избори? Вистинското прашање е – Кому ова одговара? Со ова ние нема да се занимаваме сега, сега работиме да го решиме проблемот, потоа ќе се заминаваме и со ова. И да знаете дека сите виновници ќе бидат изведени поред лицето направдата, нагласи Мицкоски на прес-конференцијата посветена на коалицијата „ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“ пред локалните избори закажани за 19-ти октомври.
Премиерот рече дека Владата и надлежните институции работат на решавање на проблемот, а од денеска во депонијата влегува и полицијата.
-Како влада и институции ги преземеме сите мерки, да немате дилема. За Вардариште имаме осомничени лица, кои се приведени и за кои се покажа дека ја користеле илегалната депонија да произведуваат метали, за подоцна нелегално да ги продаваат. Таму од вчера има приватно обезбедување ангажирана од неколку општини, обезбедивме градежна механизација и ќе биде во полн состав и Вардариште е обезбедено, останува Дрисла, изјави Мицкоски.
-Што се однесува до Дрисла, беше санирана вчера, но од некои чудни причини пред крајот на ноќта повторно се распламна, и денеска таму ќе се позанимава МВР. На линија сме со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, и очекувам проблемот да биде саниран, посочи премеирот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.