Повеќе современи методи – од минимално инвазивни лапароскопски и хистероскопски процедури, до напредни протоколи во третманот на ризични бремености и предвремено родени бебиња, безболно породување за секоја пациентка, како и современи методи во лекувањето на уринарната инконтиненција се воведени во изминатиот период на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, вели во интервју за МИА директорката на оваа јавна здравствена установа, Ирена Алексиоска – Папестиев.
Таа нагласува дека современите медицински практики, континуираната едукација и отвореноста кон иновации претставуваат темел на кој Клиниката ја гради својата иднина и дека нивната мисија останува непроменета – обезбедување највисок квалитет на грижа за жената и детето, поддршка на репродуктивното здравје и развој на медицината во служба на животот.
– Вкупно 22 специјалисти од нашиот тим реализираа обуки во реномирани центри во Европа. Набавивме врвна медицинска опрема – два лапароскопски столба, повеќе хистероскопи, генератори, оперативни светла и нов стол за операциона сала, како и современи ултразвучни апарати кои ги зајакнуваат дијагностичките капацитети на Клиниката. Благодарение на обуките и модерната опрема, бројот на минимално инвазивни интервенции во гинеколошките операции се зголеми повеќекратно. Како пример ќе ја наведам тотално лапароскопката хистеректомија – ако во 2023 година беа изведени 12 тотални лапароскопски хистеректомии, во 2025 година само за десет месеци се реализирани 110 такви интервенции. Со тоа Клиниката за првпат фаќа чекор со европските трендови и препораки за минимално инвазивен пристап во оперативното лекување, истакнува д-р Алексиоска – Папестиев.
Посочува дека воспоставиле соработка со повеќе светски банки за јајце-клетки, сперма и ембриони, со што ги прошириле можностите за третман на пациентите со проблеми со инфертилитет и дека очекуваат наредната година, по комплетната реконструкција, Центарот за ин-витро фертилизација да почне со работа со полн капацитет, нудејќи достапна, безбедна и висококвалитетна услуга за сите парови кои се соочуваат со проблеми со плодноста – сѐ тоа во рамки на јавното здравство.
Таа наведува дека работат на целосната инфраструктура и регулатива за воспоставување на Национална банка за репродуктивен материјал, која ќе овозможи замрзнување јајце-клетки и сперматозоиди за идна употреба. Покрај сите активности кои ги имаат, паралелно во изработка се и дополнителни стратегии кои, на национално ниво, ќе бидат насочени кон стимулирање на наталитетот и поддршка на семејствата кои планираат потомство.
На прашање за тоа каква е состојбата со кадар на Клиниката, д-р Алексиоска – Папестиев вели дека тој е стабилен, стручно подготвен и посветен на својата работа. – Во моментов располагаме со анестезиолози и неонатолози, но нивниот број би требало да биде зголемен со цел да се обезбеди уште поголема флексибилност и поддршка на зголемениот обем на работа, посочува директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Во врска со реконструктивните зафати во просториите на Клиниката, таа вели дека реконструиран е влезот и централниот хол на Клиниката, во тек е инфраструктурно реновирање на амбулантските, лабораториските и специјалистичките простории. Во завршна фаза, додава, е и проектот за отворање нова, современо опремена операциона сала, која се очекува да биде комплетирана до мај наредната година, а во тек е и набавката на два нови лифта.
Помина повеќе од една година откако ја презедовте функцијата директор на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство. Најавивте дека ваш приоритет е едукацијата, примената на нови техники на Клиниката, медицински достигнувања и технологии. Што е реализирано досега?
-Во изминатата година остваривме значителен напредок во реализацијата на зацртаните приоритети. Во областа на едукацијата спроведовме бројни обуки на здравствениот кадар, со посебен фокус на минимално инвазивните процедури кои се применуваат во гинекологијата и акушерството. Покрај обуките што се реализираа во странство, во рамки на Универзитетската клиника имавме чест да угостиме светски реномирани експерти, што претставува исклучителна можност за професионален развој на нашиот медицински тим.
Паралелно започнавме со инфраструктурно реновирање на амбулантските, лабораториските и специјалистичките простории, а во завршна фаза е и проектот за отворање нова, современо опремена операциона сала, која се очекува да биде комплетирана до мај наредната година.
Во технолошкиот сегмент набавивме врвна медицинска опрема со која значително се зајакнуваат дијагностичките и терапевтските капацитети во гинекологијата. Дополнително, воспоставивме соработка со повеќе светски банки за јајце-клетки, сперма и ембриони, со што ги проширивме можностите за третман на пациентите со проблеми со инфертилитет.
Голем број доктори одат на обуки во други земји. За какви обуки станува збор и што од нив докторите применуваат во работењето на Клиниката?
-Клиниката е врвен терцијарен универзитетски центар и претставува збирно место на најспецијализираните кадри од областа на гинекологијата и акушерството. Во изминатата година реализиравме Договор за билатерална соработка со Клиничкиот центар во Љубљана, преку кој нашите специјалисти имаат можност да престојуваат таму и да се едуцираат во областите на гинекологијата, анестезиологијата и неонатологијата.
Вкупно 22 специјалисти од нашиот тим реализираа обуки во реномирани центри во Европа – за минимално инвазивни интервенции во третман на уринарна инконтиненција (Љубљана и Барселона), лапароскопска хистеректомија (Солун), современи пристапи во хистероскопијата (Истанбул и Марибор), фетална ехокардиографија (Лондон и Загреб), инфертилитет и ин-витро методи (Шпанија), како и современи техники во анестезиологијата и неонатологијата (Љубљана). Нашите ембриолози се усовршуваа во Софија и Белград за современи пристапи во ин-витро лабораториската работа, а Клиниката беше домаќин и на експерти од Данска и Украина.
Посебна чест беше гостувањето на професорот Кипрос Николаидес од Велика Британија – еден од најистакнатите светски експерти во феталната медицина, како и организираната работилница за третман на уринарна инконтиненција со експерти од Словенија.
Сите овие активности придонесуваат стекнатите знаења веднаш да се применуваат во секојдневната клиничка пракса, со што се обезбедува посовремен и поквалитетен третман на пациентките и создава одржлива база за континуирана едукација и пренос на знаења на идните генерации лекари.
До каде е реновирањето и реконструкцијата на просториите, како што се чекалните, амбулантите, лабораториите и специјалистичките кабинети, со цел создавање услови за поефикасна дијагностика и лекување на пациентките и набавена ли е современа медицинска опрема која и недостигаше на Клиниката?
-Во изминатиот период започнавме со сериозна модернизација на Клиниката на повеќе нивоа. Паралелно со унапредувањето на едукацијата на медицинскиот кадар, акцент ставивме на инфраструктурната и технолошката обнова.
Реконструиран е влезот и централниот хол на Клиниката, а во тек е реконструкцијата на чекалните и ходниците во амбулантскиот дел, со што создадовме попријатна, побезбедна и пофункционална средина за нашите пациентки и нивните семејства.
Во технолошкиот сегмент набавивме врвна медицинска опрема – два лапароскопски столба, повеќе хистероскопи, генератори, оперативни светла и нов стол за операциона сала, како и современи ултразвучни апарати кои ги зајакнуваат дијагностичките капацитети на Клиниката.
Во моментов е во тек набавката на два нови лифта, со што дополнително ќе се подобри функционалноста и пристапноста во објектот, особено за пациентките и персоналот.
Во завршна фаза е и проектот за нова операциона сала и модернизација на Центарот за ин-витро фертилизација. Целта е да создадеме интегриран, современ простор со оптимални услови за дијагностика и лекување, во согласност со европските стандарди и најдобрите практики во медицината.
Најавивте неодамна дека на Клиниката ќе се прави современ, модерен ин витро центар. Кога тој ќе почне да функционира?
-Ин витро центарот претставува еден од најзначајните проекти во рамки на Клиниката. Во моментов е во тек процесот на уредување на просториите и обезбедување на најсовремена медицинска опрема. Паралелно со тоа, тимот составен од гинеколози и ембриолози помина интензивна едукација во областите каде беше неопходно дополнително зајакнување на капацитетите.
Очекуваме во наредната година, по комплетната реконструкција, ИВФ центарот да започне со работа со полн капацитет, нудејќи достапна, безбедна и висококвалитетна услуга за сите парови кои се соочуваат со проблеми со плодноста – сѐ тоа во рамки на јавното здравство.
Кои нови методи се воведени во третманот на пациентите кои доаѓаат на Клиниката?
-Во изминатиот период воведовме повеќе современи методи – од минимално инвазивни лапароскопски и хистероскопски процедури, до напредни протоколи во третманот на ризични бремености и предвремено родени бебиња. Во перинатологијата се применува мултидисциплинарен пристап, во кој активно се вклучени тимови од неонатолози, перинатолози, анестезиолози и психолози, со цел да се обезбеди целосна и персонализирана грижа за секоја пациентка.
Особено важно е што од пред два месеца на Клиниката се овозможува и безболно породување за секоја пациентка– метод кој пациентките го прифаќаат со голем интерес, бидејќи значително ја намалува болката и стресот при породувањето, овозможувајќи позитивно и безбедно искуство.
Изминатата година Клиниката воведе и современи методи во лекувањето на уринарната инконтиненција, со што значително се унапреди пристапот во урогинекологијата. Благодарение на обуките и модерната опрема, бројот на минимално инвазивни интервенции во гинеколошките операции се зголеми повеќекратно (како пример ќе ја наведам тотлно лапароскопката хистеректомија – ако во 2023 година беа изведени 12 тотални лапароскопски хистеректомии, во 2025 година само за десет месеци се реализирани 110 такви интервенции). Со тоа Клиниката за првпат фаќа чекор со европските трендови и препораки за минимално инвазивен пристап во оперативното лекување.
Во областа на репродуктивната медицина, преку соработката со меѓународни банки за репродуктивен материјал, пациентките со инфертилитет добиваат значително проширени можности за третман, во согласност со најсовремените медицински практики.
Каква е состојбата со кадар на Клиниката. Има ли доволен број лекари и медицински сестри, а особено во Одделот за предвремено родени бебиња?
Кадарот е исклучително важен, можеби и најважен за една институција да функционира на солидно ниво. Вие може да имате најсовремена опрема и одлична инфраструктура, но ако немате соодветен кадар, нема да може да биде пружена соодветна грижа на пациентите.
На Клиниката кадарот е стабилен, стручно подготвен и посветен на својата работа. Секако, како и во повеќето здравствени установи, постојат предизвици во обезбедувањето долгорочна кадровска рамнотежа, особено кога станува збор за медицинските сестри и техничкиот персонал.
Во моментов располагаме со анестезиолози и неонатолози, но нивниот број би требало да биде зголемен со цел да се обезбеди уште поголема флексибилност и поддршка на зголемениот обем на работа. Тоа е предизвик, кој не е специфичен само за нашата Клиника, туку се однесува на здравствениот систем во целина. Континуирано вложуваме во едукација, менторство и стимулирање на младите кадри, со цел да создадеме услови за професионален раст и долгорочна стабилност на тимот.
На Клиниката има рекордно ниска стапка на смртност кај предвремено родените бебиња. Кои мерки ги преземате за намалување на смртноста?
Овој успех е резултат на интегрираниот пристап кон неонаталната грижа и добрата соработка на перинатолози и неонатолози. Клучна улога имаат навремената дијагностика, подобрените протоколи за третман на ризични бремености, како и континуираната едукација на персоналот. Секое предвремено родено бебе добива индивидуализиран третман, постојан мониторинг и современа интензивна нега, согласно највисоките стандарди во неонатологијата.
Гостувањето на професорот Кипрос Николаидес, еден од највлијателните светски експерти во феталната медицина, дополнително го унапреди нашето знаење и пристап во раната дијагностика и превенцијата на компликации при бременостите со висок ризик.
До каде се активностите кои беа најавени за финансиска поддршка за криопрезервација, односно замрзнување јајце-клетки за идна употреба и создавање Национална банка за репродуктивен материјал?
-Ова е стратешки проект во соработка со Министерството за здравство. Реновирањето на одделот за инфертилитет и воспоставувањето на соработка со меѓународни банки за јајце-клетки, сперма и ембриони се првите чекори кон создавање на домашен капацитет за криопрезервација. Работиме на целосната инфраструктура и регулатива за воспоставување на Национална банка за репродуктивен материјал, која ќе овозможи замрзнување јајце-клетки и сперматозоиди за идна употреба. Овој чекор е значаен за поддршка на репродуктивното здравје и за олеснување на пристапот до современи методи на асистирана репродукција.
Зголемен е бројот на брачни двојки кои се соочуваат со неплодност. Меѓу причините за тоа гинеколозите ги наведуваат стресот, кариеризмот, неправилниот начин на исхрана, намалената физичка активност, дебелината, подоцнежно стапување во брак, сексуално преносливите болести. Дали психолошкиот момент е оној кој предизвикува стерилитет и што е неопходно да направат тие брачни двојки?
-Неплодноста е мултифакторна состојба која произлегува од комбинација на медицински и психолошки причини. Покрај хормоналните нарушувања, сексуално преносливите болести и ендометриозата, психолошкиот стрес претставува значаен фактор кој може да влијае врз плодноста.
Важно е брачните двојки кон овој проблем да пристапат заеднички и навремено. Препорачуваме целосна дијагностика на двајцата партнери и консултација во Одделот за инфертилитет и асистирани репродуктивни техники. Доколку е потребно, во процесот се вклучува и психолошка поддршка, бидејќи емоционалната рамнотежа е подеднакво важна како и медицинскиот третман.
Здравиот животен стил – балансирана исхрана, редовна физичка активност и контрола на стресот – има клучна улога во зачувување на репродуктивното здравје. Благодарение на современите репродуктивни технологии што ги нудиме, можностите за успешен третман денес се значително зголемени.
Опаѓањето на наталитетот во државава е сериозен проблем. Кои активности се преземаат за надминување на оваа состојба?
-Опаѓањето на наталитетот бара систематски и долгорочен пристап. Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство придонесува преку проширување на достапноста до репродуктивни третмани, подигнување на свеста и обезбедување соодветна здравствена едукација за репродуктивното здравје.
Соработката со светски банки за репродуктивен материјал, воведувањето нови методи на третман што се покриени од Фондот за здравствено осигурување, како и создавањето на современ ин витро центар, се конкретни чекори кои значително го унапредуваат пристапот до асистираната репродукција.
Друг важен чекор е повторното активирање на Школата за психофизичка подготовка на идните мајки и воведувањето на безболно породување, кое е достапно за сите родилки и идни мајки.
Паралелно, во изработка се и дополнителни стратегии кои, на национално ниво, ќе бидат насочени кон стимулирање на наталитетот и поддршка на семејствата кои планираат потомство.
До каде е возобновувањето на Школата за психофизичка подготовка на идните мајки?
-Школата за психофизичка подготовка и безболно породување е успешно возобновена и започна со прием на учеснички пред два месеци. Програмата е наменета за трудници од 32. гестациска недела и опфаќа психофизичка подготовка за породувањето, техники за намалување на болката, како и едукација за грижата и негувањето на новороденчето.
Термините и деталите редовно се објавуваат, а преку видео-интервјуа и информативни прилози во јавноста им помагаме на идните мајки да се подготват за едно од најубавите и најзначајни искуства во животот.
На крај, како би ја сумирале работата на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во изминатиот период и кои се вашите приоритети за иднината?
Работата на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во изминатиот период јасно покажува дека вложувањето во знаење, технологија и човечки потенцијал дава резултати. Современите медицински практики, континуираната едукација и отвореноста кон иновации претставуваат темел на кој Клиниката ја гради својата иднина. Нашата мисија останува непроменета – обезбедување највисок квалитет на грижа за жената и детето, поддршка на репродуктивното здравје и развој на медицината во служба на животот. Верувам дека со заедничка работа, знаење и посветеност ќе продолжиме да бидеме пример за модерно, достапно и човечно здравство.




