Прскалки во шишиња е можна причина за пожарот кој избувна за време на новогодишната забава во барот „Констелејшн“ во швајцарското одморалиште Кран-Монтана, во кој загинаа повеќе од 40 лица, а 115 беа повредени, објави денеска француската телевизиска станица БФМ.
Фотографијата објавена на веб-страницата на БФМ ги прикажува гостите на барот, претежно млади луѓе, како држат шишиња шампањ високо во рацете, со прскалки во нив, додека искри се расфрлани нагоре, близу таванот. Пламенот е видлив и на еден дел од таванот.
Швајцарскиот весник „Темп“ вчера објави, повикувајќи се на сведоштва од две Французинки кои биле во барот, дека можна причина за пожарот се декоративни свеќи кои, како што е наведено, биле закачени премногу блиску до таванот на барот.
Тие рекоа дека свеќите, заглавени во празни шишиња шампањ, биле закачени премногу блиску до дрвениот таван, кој лесно се запалил, а пожарот брзо се проширил на подот на барот.
Тие рекоа дека целиот ентериер бил направен од дрво и дека пожарот брзо се проширил.
Испаничени, посетителите на барот се обиделе да избегаат низ влезната врата.
„Излезот бил доста мал со оглед на бројот на луѓе внатре. Некој скршил прозорец за да можат луѓето да излезат“, рекла една од Французинките.
Според француски пар кој бил на местото на настанот, евакуацијата била многу тешка бидејќи скалите што воделе надвор биле исто така исклучително тесни, објави Би-Би-Си.
„Имавме голема среќа“, додадоа тие, наведувајќи дека „околу 200 луѓе се обидувале да излезат во рок од 30 секунди“.
Главната обвинителка на кантонот Вале, Беатрис Пилу, вчера на прес-конференција изјави дека истрагата ќе утврди дали се почитуваат сите безбедносни стандарди.
Медиумите објавија дека сопственици на барот биле двајца Французи.
Засега нема информации за македонскиот државјанин кој се води за исчезнат по несреќата во Кран Монтана
Засега нема дополнителни информации за македонскиот државјанин кој се води како исчезнат по пожарот во швајцарскиот зимски центар Кран Монтана.
– Последните информации кои ги добивме од надлежните институции се дека има една личност со македонско државјанство. Во контакт сме со швајцарските власти и полиција и очекуваме повеќе детали во однос на тоа, по што ќе ја информираме јавноста, изјави денеска владината портпаролка Марија Митевска, одговорајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.
Стапено е во контакт со официјални претставници на Швајцарија и понудена е помош.
– Стоиме на располагање и очекуваме доколку е потребно да побараат помош, рече Митева и во име на Владата изрази жалење и сочувство за несреќата во Кран Монтана. (МИА)




