Центарот за управување со кризи информира дека обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во текот на ноќта предизвикаа поплави, излевање реки и тешкотии во сообраќајот. Најголеми проблеми се регистрирани во Тетовско-гостиварскиот, Охридско-кичевскиот и во Битолско-преспанскиот Регион, каде што службите за итно дејствување веќе интервенираат.
Како што соопштуваат од ЦУК, во Тетовскиот и во Гостиварскиот Регион локалниот пат меѓу селата Форино и Тумчевиште е тешко прооден, а забележано е излевање на Лакавичка Река во селото Мало Турчане и на Сушечка Река во Горна Бањица. Надлежните институции и службите за итно дејствување ја следат состојбата на терен.
Во Охрид се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, а реката Далјан е излеана од коритото, при што се поплавени голем број куќи. Локалната самоуправа и Кризниот штаб постапуваат по пријавите, а службите за итно дејствување се организирани и се на терен.
Во Кичево, на улицата Прилепска, поплавени се повеќе станбени објекти, а 100-ина лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На евакуираните им е обезбедена храна, вода и основни потреби, а на терен интервенирале екипи на Црвениот крст, Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалниот центар за управување со кризи, Територијалната противпожарна единица, ЈП „Комуналец“ и Општина Кичево. Дополнително, регистрирани се излевања на Зајашка Река во реонот над стадионот „Влазрими“ и новото училиште „Санде Штерјоски“ и реката Треска, со поплави на земјоделско земјиште во околните села.
Во Битолскиот и во Преспанскиот Регион врнежите предизвикале зголемување на водостојот и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места. За утврдување на приоритетите и координација на активностите на терен, Кризниот штаб на Општина Битола закажал состанок во 9 часот.
Фото: ЦУК




