Веста дека Франција избегна масовен прекин со снабдувањето со електрична енергија  не се најде на насловните страници.

Сепак, Регулаторната комисија за енергетика со кратко соопштение кажа дека Франција била во критична состојба со снабдувањето со струја. Франција никогаш не доживеала Блак-аут (затемнување), туку само гигантски прекини,  овојпат таа беше пред вистински Блак-аут, јави МИА.

Еден ден претходно, во 21 часот, Мрежата за пренос на електрична енергија соопшти дека фреквенцијата на електричниот систем падна, што може да доведе до „прекин со снабдувањето или Блак-аут“ односно општ дефект. Четири дена подоцна, сè уште не се знае што се случило. Имено, истрагата се води на европско ниво. Единствено со сигурност се знае дека потеклото на инцидентот не е во Франција, туку кај соседите со кои француската мрежа е меѓусебно поврзана.

Во четвртокот, 10 јануари, во 21:02, Мрежата за пренос на електрична енергија побара од индустријалците, кои трошат голема количина електрична енергија, како челичарниците, мелниците, рафинериите, цементарниците,  веднаш да ја намалат нивната потрошувачка.

Инаку, би имало општ дефект или пак за де избегне тотален блак-аут, било предвидено општо намалување на тензијата на мрежата со исклучување цели градови и региони.

Интересно е дека во Франција, за разлика од Балканот, годинашнава зима и денот кога се случи инцидентот температурите беа над нулата. Во декември 1978 година, зимата беше особено сурова и голем дел од северниот дел на Франција беше без електрична енергија со часови: возови, метроа, лифтови, сè престана. Токму како Њујорк, една година порано, кој два дена се соочи со сцени на паника и грабежи.

Во Франција најголемиот проблем беше  кон крајот на 1999 година, со невремето што уништи илјадници далноводи, како и во ноември 2006 година, кога прекинот на далноводот во северниот дел на Германија ја падна Европската мрежа, лишувајќи 15 милиони луѓе од струја.

Неодамна беше посочено од француски извори дека есента имало проблеми со снабдувањето со електрична енергија меѓу Белград и Косово и меѓусебното приклучување на нивните електросистеми. Тоа помина незабележливо, со оглед дека проблемот беше регистриран само на електричните часовници на микробрановите печки или другите електро уреди на кои има часовници, кои поради промената на фреквенциите забележале доцнење.

Според ова, електричниот систем е кревок не само во Франција, туку и во цела Европа, со оглед дека тие се меѓусебно поврзани. Затоа, Мрежата за пренос на електрична енергија ја стави француската мрежа под надзор до крајот на февруари. Исто така, за да се зајакне безбедноста со снабдувањето, најдоброто решение е да се оди во заштеда на енергија, како и да се одржи термоцентралата со јаглен Кордеме во близина на Нант. Горчлива лекција за Владата на Макрон, која вети дека Франција ќе прекине со снабдување со електрична енергија од  јаглен до 2022 година.