Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, денеска изјави дека поради евентуални украински саботажи и судирот на Блискиот Исток, засилено е полициското и военото присуство на јавните места.

Тој во видеото објавено на платформата „Икс“ наведе дека војници се распоредени на 75 локации во земјата.

– Секој енергетски објект што користи руски енергент може да стане цел на украинските саботажи… гасоводот „Северен тек“ во воздух го кренаа Украинците, затоа одлучивме дополнително да ги заштитиме унгарските енергетски објекти – посочи Орбан.

Според него, поради судирот на Блискиот Исток, зголемена е терористичката закана во Европа и поради тоа е засилено полициското присуство на јавни места.

Тој им нареди на безбедносните служби посебно да ги следат лицата поврзани со екстремистичките исламски групи и дополнително да ја заштитат критичната енергетска инфраструктура.

Орбан истакна дека унгарската влада ќе формира посебна истражна комисија, која ќе ја провери состојбата на нафтоводот „Дружба“ и оти ќе побара Киев да им дозволи на унгарските инспектори да влезат во Украина за да ја проверат ситуацијата на терен.

– Унгарија нема да дозволи да биде уценувана. Ќе се спротивставиме на украинската уцена… Унгарија до решавање на спорот ќе ги блокира сите одлуки на Европската Унија што се важни за Украина.

фото: архива