Официјалните претставници на компанијата „Глаксо Смит Клајн“, имаа увид во самата вакцина, пакувањето и рокот. Не уверија дека тоа е нивен производ, дека рокот е добар и квалитетот е согласно нивните стандарди, потврден со испитување во европски лаборатории, какви што има само неколку во цела Европа и истата вакцина која практично се користи во сите земји на ЕУ, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Истакна дека ќе ги повикаат на одговорност сите директори на здравствените домови и тие кои ја примиле пратката со вакцини, да им укажат како можело да се случи ваков пропуст, да не се детектира таа разлика меѓу вистинскиот рок, кој е добар и тој на декларацијата, за да преземат и санкции од страна на Министерството кон одговорните во овие институции. Тој рече дека околу 650 кутии вакцини имале погрешни декларации.
– Заврши увидот на инспекторите од Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) во сите места, каде беа детектирани вакцините, кои беа со добар и проверен рок, меѓутоа со погрешни декларации. Се констатираше бројот, се напиша извештајот и сега ќе се продолжи во насока на санкционирање на оваа постапка кон веледрогеријата „Македонијалек“. Ќе инсистираме тоа да биде максималната казна, со оглед на тоа што сметаме дека ваков тип на прекршок, кој сериозно го руши угледот на јавното здравство не треба никогаш повеќе да се повтори, рече Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање посочи дека од страна на Агенцијата за лекови таа казна за веледрогеријата е парична и се движи од 30.000 до 70.000 евра.
– Јас лично заедно со директорот на Агенцијата за лекови ќе инсистирам тоа да биде максималната казна. Договорот со „Македонијалек“ завршува и не можеме ништо повеќе да направиме заради тоа што и последната количина вакцини е повлечена. Тоа е таа количина на која се случила таа грешка. Се надевам се што ќе се преземе од страна на Агенцијата за лекови, која има ингеренции ќе биде сериозна работа која ќе и укаже не само на оваа компанија, туку и на сите други дека некои постапки треба сериозно да се следат во рамки на нивната технологија на работа, додаде Филипче.