– Реномираниот онколог д-р Милан Ристески предупредува на невистинитоста на содржини во кусите видеа коишто се шират на социјалните мрежи, а се однесуваат на канцерот и наводната лековитост на никотинските лепенки.
-Повторна реакција за идиотските рилсови на ФБ – Никотинот лечел рак! Џабе пријава, ова Мета стана ѓубриште на глупости! Еве ви ја вистината: Никотинот не лечи рак; напротив, ги штити клетките на ракот од смрт, потенцијално намалувајќи ја ефикасноста и на имунотерапијата, таргет терапијата, хемотерапијата и радиотерапијата, а и го стимулира растот на туморот и туморската ангиогенеза – создавањето на туморски крвни садови кои го хранат ракот! Никотинот ги активира сигналните патишта (PI3K) кои ги штитат клетките на ракот, особено ако има мутација во тој сигнален пат, а во најголемиот дел од туморите има баш таму мутациии – вели д-р Ристески.
-Никотинот го зголемува факторот 1-алфа индуциран од хипоксија (HIF-1), што им помага на клетките на ракот да преживеат во средини со ниско ниво на кислород кои го поттикнуваат туморот. Никотинот ја спречува апоптозата (програмирана клеточна смрт) кај клетките на ракот на дебелото црево третирани со 5-флуороурацил и иринотекан! Ве молам, бидете внимателни со неконтролираните глупости кои излегуваат на ФБ – стои во реакцијата на д-р Ристески.

Неговата реакција доаѓа по „поплавата“ од многуте рилсови на социјалните платформи објавени од извесен Брајан Ардис, кој се претставува како доктор а е лиценциран киропрактичар, нутриционист, кој применува и акупунктура и кој тврди дека со никотонски лепенки се лечи се – од канцер, до автоимуни болести и воопшто сите воспаленија.
МИА




