Иако секој случај е индивидуален, а и секој регион е посебен, сепак, животниот век на луѓето во Европа и во Македонија покажува некоја линија на тенденција: жените живеат подолого од мажите. Евростат измери дека во земјите на ЕУ животниот век на мажите изнесува 76,6 додека на жените 81,5 . Во нашата земја, иако во просек живееме пет години помалку, сепак и тука соодносот на животниот век на мажите и жените е сличен. Последните податоци на Државниот завод за статистика од 2024 година покажуваат дека разликата меѓу двата пола е пет години во користи на жените – македонските жени во просек живеат 76,8 години, додека мажите живеат 71,9 години.

Во што жените се подобри од мажите, па со тоа и подолговечни или пак, мажите некаде потфрлаат?

Со напредокот на медицината, во 21 век генетиката и здравствените причини како да бледат во големата слика зошто жените успеаваат да ги надживеат мажите. Тие се уште се клучни, па на пример, мажите се повеќе склони на срцеви заболувања кои се причина број еден за смртност, но главно на сцена стапуваат други два фактора: психологијата и социологијата.

Жените си се поврзуваат, мажите се поосамени

Според докторот по психолошки науки Фики Гаспар, и двата пола поеднакво се соочуваат со психолошки проблеми, но начинот на кој ги решаваат ја прават разликата. Според него, има три работи во кои жените се подобри од мажите, па поради тоа и се подолговечни.

Првата и клучна причина – жените полесно си муабетат и си нудат самопомош со што си го вентилираат стресот, а без стрес има помалку болести.

– Жените за разлика од мажите повеќе комуницираат и повеќе споделуваат. Тоа кај нас, е и културолошка појава. До скоро, иако и тоа се менува кај помладите генерции родители, на машките деца им се кажуваше дека мажите не зборуваат многу, се повлечени, не се жалат, не плачат. За жените тоа беше многу поприфатливо, да не кажам и очекувано. Е, тука е класичниот «fight or flight» модел – жените подобро се справуваат со стресот, за разлика од мажите односно подобри се во барањето на таа социјална поддршка и споделувањето на емоции – вели Гаспар.

Според него, жените исто така одржуваат и поблиски релации. Мажите имаат блиски пријатели, но во многу помал број, за разлика од жените.

–  За жал, истражувањата покажуваат дека кога маж заради некоја причина ќе изгуби пријател, а со тоа и социјална поддршка, не оформува толку брзо ново пријателство, останува без нов круг на луѓе и останува сам во себе.  Жените се повеќе склони и на самопомош и тоа кај нас, оди главно преку комуникација. Ние го викаме „вентилирање“, испуштање на притисокот, нудејќи си меѓусебна поддршка. Не дека мажите не го прават тоа, но статистички многу помалку. А кога полесно се справувате со стресот, ефектите на стресот тогаш не се толку страшни и долготрајни. Стресот е една од најчестите причини за физички и психички болести – објаснува психологот.

Втората причина е тоа што мажите поинаку реагираат на притисок, кога ќе го почувствуват стануваат порочни и си „налепуваат“ болести.

–  Има и друг момент, што исто на овие простори е врзан културолошки, а тоа е како мажите се справуваат кога се под притисок. Тогаш тие ја потиснуваат емоцијата, покажуваат импулсивност, имаат повисоко ниво на агресија. Во такви моменти тие почнуваат со пороци – цигари, алкохол, коцка. Истражувањата и статистиките покажуваат дека мажите многу почесто страдаат од болести на зависност. Жените подобро си ги препознаваат емоциите и си ги знаат границите – вели Гаспар.

Трето, жените многу повеќе се грижат за своето здравје, повеќе внимаваат на себе и почесто одат на превентивни прегледи.

–  Мажите од здравствен аспект, многу повеќе се занемаруваат од жените и не се толку спремни да одат на лекар. Тие дури и при појава на симптоми на некоја болест поретко се јавуваат на лекар – коментира психологот.

Државата може да е клучна за да се изедначи животниот век

Од социолошки апсект, жените во некои прилики  што се заеднички и за мажите и за жените, се позаштитени од заедницата. Пример, жените помалку се испраќаат во војни или пак, добиваат воени задачи во кои помалку се „гине“. Мажите често имаат и поризични работни места.

Професорката по социолошки науки Аница Драговиќ вели дека причините се различни и не може да се разгледуваат одвоено. Тие се комбинираат од биолошката предодреденост, отпорноста на организмот, индивидуалниот избор на поединецот да се грижи за сопственото здравје и општествената околина.

– Здравствено гледано, машкиот пол е послаб. Од биолошки аспект, мажите почесто заболуваат од болести кои се фатални по нивниот живот. Срцеви заболувања, удари и одредени видови рак се почести кај мажите, па затоа и умираат порано. Жените, пак, се подложни на хронични болести и здравствени состојби кои ретко се фатални веднаш, што им овозможува да живеат подолго. Нивниот животен стил, однесувањето кон здравјето и социјалните фактори им овозможуваат да преживеат подолго, иако често со повисоки стапки на морбидитет – вели професорката.

Секако, дека и начинот на живот и општествените улоги на мажот и жената играат голема улога.

– Мажите почесто пушат, консумираат алкохол и се изложени на ризици на работа, а помалку се грижат за сопственото здравје. Жените, напротив, водат грижа за здравјето, редовно посетуваат доктор и имаат поздрав начин на живот. Образованието и брачниот статус се фактори кои во голем степен го оформуваат стилот на живот – објаснува Драговиќ.

Но, според неа и државните политики и пристапот до квалитетни здравствени услуги играат значајна улога во тоа колку долго луѓето живеат.

Со стареењето, морталитетот расте и кај мажите и кај жените. Но, пристапот до квалитетна здравствена заштита и здравствени услуги може да ја ублажи оваа разлика. Геронтолошките и палијативните услуги се важни за да им се овозможи на луѓето да стареат достоинствено и здраво. Разбирањето на овие фактори не е важно само за статистика. Тоа помага да се создадат политики и програми кои ќе го подобрат здравјето и животниот век на сите, без разлика на полот – заклучува професорката.

Секако, целата приказна има и комична страна. Доволно да ги погледнете мимовите на социјалните мрежи токму на темата: зошто мажите живеат пократко од жените, па ќе ви излезат стотици комични фотографии со тоа како ненадминлива е машката кретивност да се обезбеди сенка со багер од 30 тони над себе, или пак, дека на мажите што сакаат да поправат клима на 10 кат гравитацијата не им може ништо…а и да не заборавиме температура од 37, 3 кај мажите е „смртна“ постела.

Фото: Архива