Постапката на носење на колективниот договор во 2024 година за Армијата е незаконска – покажа извештајот на Државниот завод за ревизија, бидејќи нема добиено мислење од Министерството за финансии. Не се обезбедени средства, не се обезбедени финансии во тековниот буџет. Ова е одговорот на министерот за одбрана Владо Мисјаловски на поставеното прашање од пратеничката Славјанка Петровска дека се подготвува нов колективен договор и се прави нов репрезентивен синдикат, кој ќе му одговара на ресорниот министер.
Министерот за одбрана Мисајловски посочи дека колективниот договор за Армијата не е пријавен во регистарот што го води Министерството за труд.
– Ова потврдува дека се преземени финансиски обврски, без обезбедени средства во буџетот. Тоа вие добро го знаете и тоа е многу важна работа. Дали исто така колективниот договор се донесе во вечерните часови пред распишување на изборите, објавен во „Службен весник“ истиот ден кога се распишани изборите. Дали знаете дека тоа е противзаконски, бидејќи е објавен во „Службен весник“, и вие сакате да се фалите со тој колективен договор, во ред, фалтете се. Имате исплатено нешто? Нула денари, сами знаете – нула денари. Од кога јас сум министер, стопати тоа го говорам, мислам дека тоа е добро за целата Армија, за сите вработени сè е исплатено – рече Мисајловски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
Што се однесува за синдикатите, министерот истакна дека вчера биле кај него на средба и разговарале во колективниот договор да влезат и да им се помогне на сите војници што навршуваат 45 години.
– И да го смениме законот и да ги подобриме условите, еве ви кажувам тука ќе има подобар колективен договор, заеднички со сите синдикати ќе го направиме. Убаво вие кажавте дека додека донесеме нов, важи истиот, е, сега, зошто вие не ги обезбедивте средствата во буџетот. Дали тоа ја нарушивте де факто и борбената состојба и на Министерството бидејќи многу проекти ги кочевте, немаше пари. Како вие носите, кој ви дал согласност, дали Владата ви даде согласност да носите колективен договор. Не е точно, нема такво нешто. Ова не е јас што го зборувамм, ова го говори Државниот завод за ревизија – посочи Мисајловски.
Министерот за одбрана рече дека и делови од колективниот договор за Армијата почнале да паѓаат и пред Уставен суд. Забележа дека буџетот за Одбраната за тековната година е историски најголем и е гласан токму во македонското Собрание од страна на партениците.
– Јас кога дојдов министер, многу добро знаете дека во касарните немаше вода, да не имате некој капацитет почнато вие, кажете ми кој – праша Мисајловски.
Тој најави и реализација на неколку проекти и реконструкции, како што се и подрачните единици на Министерството за финансии, а ја праша и пратеничката Петровска, која беше поранешен министер за одбрана, како се зголемил договорот за набавка на хеликоптерите за дополнителни 35 милиони евра. Забележа и дека со договорот со италијански „Леонардо“ бил заглавен буџетот на Министерството во наредните три години и има допис од началникот на Генералштабот дека поради тоа е нарушена и борбената готовност. Мисајловски вели дека реално е што ќе има многу проекти за македонската Армија и, како што рече, во моментот се проектираат многу нови капацитети.
– И, да, во секоја касарна ќе има нов објект. ТРЦ ново направивте – не. Само се договоривте со некој за ДУП-от да помине итн., за секој проект ќе зборуваме ако сакате – ѝ рече Мисајловски.
Од говорницата на македонското Собрание министерот за одбрана порача дека ќе се бори за поголеми плати за вработените во Армијата, и тоа како расте буџетот, како и на вработените во Министерството и на сите војници и сите старешени. Побара и одговори од пратеничката Петровска и поранешна министерка за одбрана дали има договорено со компанија во киберделот со Воената академија без јавна набавка и тоа, како што рече, „договор со компанија очи в очи“.
– И ова е од Државниот завод за ревизија и дали тука некој поранешен премиер ви бил посредник, не сте вие. Сакате уште, сакате подетално да влеземе, за сè ќе добиете одговор. Но една работа, Министерството, односно Армијата, ќе добива максимално што може од колективен договор, зголемување плати – држете ме за збор, и подобрување на сите услови – истакна Мисајловски.
Пратеничката Петровска истакна дека доколку има направено некои неправилности додека била министерка за одбрана, досега ќе била, како што рече, „обесена на плоштадот“ и побара од актуелниот министер за одбрана телевизиска дебата, на која со аргументи ќе се соочат двајцата.
Фото: архива




