Приговорот на ЕСМ е доказ дека обвинителите Коларевиќ и Абази не воделе професионална истрага, туку политички мотивирана операција за спас на блиски луѓе до СДС и ДУИ, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ што МИА го пренесува интегрално.

Официјалниот приговор на ЕСМ е директен доказ дека доказите биле селективно ценети, а клучни факти и сомнежи намерно игнорирани за да се затвори скандалот тежок 167 милиони евра за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино.

Коларевиќ и Абази не ја прекинале истрагата затоа што немало сомнежи и докази, туку затоа што поради лични и семејни релациии одлучиле да штитат моќници блиски до СДС и ДУИ.

Скандалозно е што обвинителството дел од доказите за кривичната одговорност неосновано ги иземало како изговор за прекинување на постапката, а истовремено не обезбедило ниту распит на Васко Ковачевски. Тоа не е правда, туку свесно компромитирање на постапката.

Приговорот на ЕСМ отвора сериозна можност истрагата повторно да се активира и конечно да се утврди кој го оштетил државниот буџет и во чиј интерес се носеле вакви срамни обвинителски одлуки.

Приговорот на ЕСМ до Вишото јавно обвинителство дава правна можност за преиспитување на решението за скандалот Мазут и за корекција на ова контроверзно решение за прекин на истрагата од Коларевиќ и Абази. Приговорот на ЕСМ е нова околност според којашто прекинатата истрага за мазут може да продолжи, бидејќи ЕСМ е оштетено правно лице коешто ги побива изјавите на Коларевиќ и Абази како обвинителски тандем, којшто им дал повластена улога и им поклонил поголема верба на исказите на Капушевски, Јахоски, Адријан Муча, Ерџан Сулкоски, а воопшто го немале ниту достапен Васко Ковачевски.

Обвинителството мора да одлучи дали ќе биде сервис на политички и бизнис-центри на моќ на СДС и ДУИ, или институција што гони криминал.

Секој што учествувал во незаконитости мора да одговара.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ