Една од ударните вести денеска во медиумите е шопингот на експремиерот Никола Груевски, но не и скијањето на актуелниот премиер Зоран Заев, кој една недела беше во приватна посета на скијачки терени во Германија.
Веста е дека експремиерот Груевски вчеравечер излегол нешто да си купи или да прошета во извесен трговски центар во Будимпешта во Унгарија, каде што доби политички азил.
Како што пренесоа многу медиуми во Македонија, унгарскиот портал „444.ху“, објавил дека во времето кога Груевски бил снимен, продавниците веќе биле затворени, а трговскиот центар бил празен. Но, на снимката која е прикажана се гледа „како Груевски во раката носи хартиена кеса“.
Читателот кој го испратил видеото искоментирал дека Груевски смирено се движел низ трговскиот центар, а во негова близина не биле забележани обезбедувачи.
И додека експремиерот Груевски „носел хартиена кеса од шопинг“, актуелниот премиер Заев една недела помина на зимски распуст во Германија. Но, изгледа читателите на германските портали не се како унгарските заинтересирани да снимаат премиери. Па да видевме во Македонија некој спуст, слалом или велеслалом на Заев.
Ама изгледа не ќе да е само до премиерите, туку до репризите. И натаму упорно во медиумите и јавноста да се репризира Груевски, како „главниот виновник за се што се случило, се случува и ќе се случува во Македонија.“ За загадувањето, за просечната плата од 500 евра, за менувањето име на државата, за двојазичноста…
Така, Будимпешта и во зима станува поинтересна од Гармиш Партенкирхен, а со една „хартиена кеса“ вниманието на читателската публика лесно се пренасочува од вистинските проблеми во Македонија кон Будимпешта и Груевски.
Димитар Грумар