На железничката делница Бељаковце – Крива Паланка се градат мостови со столбови високи до 61 метар, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Според Николоски, висината на дел од столбовите е поголема од повеќекатници во урбана средина, што, како што наведува, ја покажува сложеноста на проектот и инженерските предизвици со кои се соочуваат изведувачите.

„Во изградбата ќе бидат вградени десетици илјади тони железо и 125.000 кубни метри бетон. Ова не е само железница, ова е инженерско чудо и доказ дека Македонија е способна за големи подвизи“, напиша Николоски на Фејсбук.

Делницата Бељаковце – Крива Паланка е дел од железничкото поврзување кон Бугарија, проект кој со години се најавува како еден од најзначајните инфраструктурни зафати во земјава.

Според објавата на министерот, интензитетот на градежните работи и обемот на материјалите што ќе бидат вградени го прават проектот еден од најкомплексните инфраструктурни потфати во Македонија.